На 15 јули бираме дали земјоделците ќе добиваат 200 милиони евра годишно субвенции и поддршка за рурален развој, или ќе добиваат лажни ветувања, манипулации и уцени со исплатата на субвенциите. На 15 јули, вие почитувани земјоделци одлучувате дали ќе имате сто процентно бесплатна зелена нафта или ќе дозволите некој од ВМРО-ДПМНЕ да го гази вашиот труд, како што правеше цели 11 години, истакна денеска лидерот на СДСМ Зоран Заев во Конче.

Тој нагласи дека на 15 јули се носи одлука за сопствената иднина и за иднината на татковината.

Денеска на последниот ден од кампањата, пред нас се исправени две спротивставени перцепции, два целосно спротивставени концепти. Едниот концепт на СДСМ и коалицијата „Можеме“ кој ја носи земјата напред, кон ЕУ и НАТО, другиот на ВМРО-ДПМНЕ кој нуди само обнова на режимот, обнова на криминалот и туркање кон изолација. Концептот кој носи пари кај граѓаните и концепт кој зема пари од граѓаните, нагласи Заев.

Додаде дека граѓаните треба да ја потврдат одлуката на 15 јули и да излезат на фер, слободни, демократски и безбедни избори.

Да не дозволиме Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да не враќаат назад, туку уште подобро и уште повеќе да продолжиме напред, кон развој, кон нова македонска развојна економија, кон повисок стандард за земјоделците, за младите, за пензионерите, порача Заев.
Посочи дека во Конче реализирани се многу капитални проекти како што се новата спортска сала, детската градинка, асфалтирани се осум километри патишта, 10 улици, тампонирани се шест километри полски патишта….. Со изградбата на експресниот пат Радовиш-Штип, кој, како што рече Заев, ќе биде пуштен во упитреба до 2021 година и со почетокот на изградбата на патот Конче – Липовиќ – Рич, општина Конче ќе се отвори за уште подинамичен развоj.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.