Секаде каде што има какви било коментари, а задираат во нашиот македонски идентитет и македонски јазик, апсолутно не разговараме, изјави денеска на прес-конференција премиерот Зоран Заев, појаснувајќи го бугарскиот одговор на Акцискиот план, за кој претседателот Стево Пендаровски во интервјуто за МИА рече дека во себе содржи работи што се однесуваат на идентитски прашања.

За Македонци и македонскиот јазик, за идентитетските прашања, нашата национална посебност, апсолутно не разговараме. Нашите ставови се јасни. Не постои каква било перспектива или европска перспектива, ако бидеме обезличени, ако не постоиме. Ние сме Македонци, кои зборуваме македонски јазик, државата ни е мултиетничка, ние тука ги чуваме идентитетските прашања на целиот европски континент и ги негуваме и ги афирмираме и очекуваме Европа, вклучително и Бугарија да се придржува на тоа. Драго ми е што ја прифаќаат реалноста за Македонци и македонски јазик, и верувам дека во тој дух нема да дозволиме да биде доведен во прашање дигнитетот на самите разговори, рече тој.

Вели дека со Бугарија продолжуваат разговорите околу конкретни проекти, со наши идеи за прашања околу краткото и долгото име, за прашања за регулирање на малцинствата, за говорот на омраза, за прашањата за работењето на комисиите, со конечна цел, како што рече, да го градиме пријателството и да најдеме решенија.

Но, дефинитивно, политичкиот дел е нешто кое што треба да се разговара по изборите во Бугарија заради тоа што зошто би очекувале сега некое позитивно поместување, а истото тоа не беше возможно лани кога бевме подалеку од изборите, посочи Заев.

Потсети дека во делот на Акцискиот план ние дадовме наши идеи во декември, а бугарската страна возврати со нивни идеи.

Се работи за Акциски план на меѓусекторска основа, каде што преку повеќе сектори соработуваме одржавме веќе неколку координации очекуваме Акцискиот план да биде усвоен на првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и Бугарија за да биде адаптиран, прифатен и веднаш да влеземе во негово спроведување, рече Заев.

Рече дека Акцискиот план се адресира на транспортот, изградбата на граничните премини, гасната мрежа, железниците, патиштата, со тоа што подобро не поврзува со Бугарија, во соработката во образованието, здравството, културата, спортот, дигитализацијата.

Се работи за надградување, за нешто што е дополнето со идеи, придонес во негово поуспешно реализирање, кое верувам ќе го јакне пријателството меѓу нашите две земји, така да за тој Акциски план разговараме. Се работи за исти содржини кои на основа на сплот на идеи се надоградени и верувам, дека во скоро време на меѓувладините комисии предводени од министерот Османи и бугарската министерка Захариерва ќе биде утврдено и потврдено од самите влади и ќе влеземе во негова имплементација, рече Заев.

Информира дека овие денови има подготвителна седница и на Комисијата за историски и образовни прашања каде што, рече, се подготвува заеднички од нашата македонска страна и од бугарската страна подготовка на седницата која што треба да се одржи во февруари.

Верувам дека дури и од таа подготвителна седница ќе имаме некој исчекор, а секако и во февруари очекуваме да има исчекор. Комуникацијата меѓу двајцата министри за надворешни работи продолжува, работните групи, ако има какви билоидеи дополнително верувам ќе се изнајдат решенија односно ќе се соопштат на јавноста ќе може да се дискутираа но, дефинитивно фокусот во овие неколку месеци останува на Акцискиот план, повтори Заев.

Во однос на смената на член на Мешовитата македонско-бугарска историска комисија, Заев рече дека како што бил информиран од Османи, на членот Александар Литовски му завршувал договорот и самиот не сакал да го продолжи.

Ослободеното место министерот Османи заедно во консултации со другите членови на Комисијата, да даде предлог на нов член на Комисијата. Во оваа комисија се сериозни, врвни експерти по историја и веруваме комплетно во нивната определба и им даваме комплетно целосна поддршка бидејки таа е нивната улога, на експертски и професионален начин не политички начин да ги решаваат работите, рече премиерот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.