Премиерот Зоран Заев се уште го нема видено Предлог-законот за државјaнство. Како што изјави денеска, законот најпрво треба да биде доставен до МВР, а потоа и до него и неговиот Кабинет.

Го немам видено, целта беше да го предложат до МВР за експертите прво да го видат. Штом тие ќе го оформат својот став, ќе го дадат до мене и до мојот Кабинет на разгледување, изјави Заев, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на „Кемет Електроникс“.

Пратеникот на коалицијата Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива, Елми Азири на прес-конференција во Собранието соопшти дека Предлог-законот в понеделник ќе биде доставен до владиното мнозинство.

Нашиот дел околу законот за државјанство е завршен, останаа само неколку технички интервенции и в понеделник на пратеничката група на СДСМ и на владиното мнозинство ќе им ја предадеме предлог-верзијата и очекуваме евентуално некоја забелешка, рече Азири и додаде дека е можно идната недела да се одржи средба на претседателите на АА и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши со премиерот  Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.