На денешниот Самит на Западен Балкан во Тирана, на кој учествуваат премиерот Заев, неговиот албански колега Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ, македонскиот премиер бил предупреден дека можат да се случат протести на Албанците во земјава, пренесува агенцијата „Танјуг“.

Група претставници на Албанците со потекло од Македонија го пресретнале Заев и го предупредиле дека Албанците би можеле да организираат протести во земјава доколку не бидат исполнети нивните барања.

Тие побарале од Заев да ги ослободи, како што рекле, сите албански политички затвореници во земјава, потсетувајќи го премиерот дека ветил оти ќе го стори тоа пред да дојде на власт.

Тие му порачале на Заев дека вооружената акција „Дива населба“ во Куманово е монтиран политички случај и дека убиството на петмината млади Македонци кај Смилковското езеро е случај поради кој во затвор се невини Албанци.

Како што пренесува „Танјуг“ тие се разделиле со прашањето „дали треба да организираме протести?“, на што Заев одговорил „не мора, се ќе биде добро“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.