Ако сум издал државна тајна која што нанесува штета на мојата земја и те како сум спремен да поднесам одговорност. Синоќа до касно, како и вие веројатно, така и јас, слушав разговори за да видам дали ја има мојата одговорност и сето тоа е злоупотребено – вели премиерот Зоран Заев, кој иако барал простор за да понесе одговорност во целиот разговор со лажниот Петро Порошенко и лажниот Јенс Столтенберг не успеал да најде.

Единствено нешто што препознал доцна во ноќта е дека тој е жртва на неговата отвореност и достапност за сите. И овојпат само „цвеќе за извини“. Зоран Заев ќе се извинел доколку некому наштетил, жал му е, ќе ја зајакне „безбедносната сигурност“ но нема да понесе одговорност, ниту пак ќе бара одговорност од огромниот тим кој стои зад него и кој е платен од пари од граѓаните. Тука нема никаква грешка, освен неговата добрина и отвореност. Ова, смета тој не е грешка за одговорност, туку поука за во иднина.

– Зошто мислите дека е направена таква штета за да има потреба некој да поднесе одговорност? Штетата е во чувството дека е снимен премиерот на Република Македонија, а јас во снимките ги повторувам официјалните ставови. Јас лично сум верувал дека постои тој состанок и зборувам официјално како премиер. Ако некој сум повредил со тие ставови, јас знам да се извинам во тој дел и апсолутно не мислам дека треба да се поднесе одговорност. Јас сум човек подготвен секогаш да поднесе одговорност, но ова се случува и во многу поорганизирани држави од нашата. Верувам дека ова прашање не е прашање поради кое премиерот да поднесе оставка, од ова треба извлечеме поука и да бидеме уште поподготвени да не се случи ова понатака, рече Заев.

Едноставно тој бил цел на измама, но е задоволен што се наоѓа во добро друштво бидејќи истите луѓе ги измамиле и Макрон, Ердоган, Елтон Џон и многу други.

-Ова им нанесува директна штета на нашите стратешки интереси за членство во НАТО. Ова го прават добро организирани структури. Манипулациите доаѓаат од пропагандни медиуми со анти-НАТО ориентација. Тие се служат со дезинформации и се работи за класична политичка дискредитација. Но јас не сум единствениот. Со вакви разговори изманипулирани се голем број политичари. И можам да кажам дека сум во добро друштво, рече Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.