Заев соопшти дека на крајот власта ќе ги добие локалните избори, дека поддршката во првиот круг е сериозна и дека ќе имаат повеќе градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ.

„Таму каде што води ВМРО-ДПМНЕ, видете ја структурата на гласови, дека кандидатите на нашите коалициски партнери одземаат многу гласови.

Поддршката која ја добивме во првиот круг е сериозна. Тоа е обврска, и ќе ја исполниме, и нема да дозволиме некој земјата да ја враќа назад. Сѐ на сѐ коалицијата и СДСМ влегуваат во втор круг во 36 општини плус Град Скопје. Влегуваме во борба за конечна победа. Главата горе, на крајот СДСМ ќе имаат повеќе градоначалници во споредба со ВМРО-ДПМНЕ.

Впрочем и затоа Мицкоски бараше избор на градоначалници во првиот круг, затоа што знаеше што ќе се случи во вториот круг. Огромна е коалицијата, ја обединуваме нашата коалиција за вториот круг, и влегуваме во борба за она што со крв, борба и труд го обезбедивме“, изјави Заев.

Тој додаде дека со цел да за зачува безбедна македонската иднина, ги повикува сите поддржувачи да излезат и да дадат поддршка за нашиот народ.

„Јасна е пораката од народот, и таму каде што победивме, и таму каде што не победивме. Народот сака повеќе резултати и работа. Тие резултати ќе ги обезбедиме само со локални самоуправи кои гледаат напред. Затоа ги повикувам сите, целиот македонски народ, сите Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Бошњаци, борбата продолжува, бидејќи злото се заканува“, изјави Заев.

Тој порача дека „огромна е нивната коалиција“ и дека прогресот ќе се обедини

и ќе влезе во борба за мнозинствата во најголем број од советите на општините.

На прашањето дали стравува од прогнозата на Христијан Мицкоски дека ќе има ново парламентарно мнозинство, Заев одговори:

„Вториот круг е пред нас, убеден сум дека ќе имаме мнозинство или повеќе градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ и со тоа нема да има дилема кој е победник на овие избори“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.