Македонија е целосно фокусирана во овој период на обезбедувањето на датумот за старт на преговорите со ЕУ во октомври, како и за напредокот во ратификацијата на Протоколот за пристапување во НАТО, двете стратешки цели за државата за чие остварување Соединетите Американски Држави дадоа огромен придонес, истакна премиерот Зоран Заев на средбата со високите претставници на Стејт Департментот на САД, помошникот на државниот секретар Филип Рикер и специјалниот претставник за Западен Балкан, Метју Палмер во Њујорк.

Овие цели за Македонија произлегуваат и од Договорот за стратешко партнерство со САД, во кој евро-атлантските интеграции на земјата се приоритет за обезбедување на стабилноста и сигурноста на земјата, како и на регионот – вели Заев.

Низ разговорот беше отворена и темата за продлабочување на трговската и економската соработка на двете земји за кои, беше речено, постојат големи потенцијали.

Рикер и Палмер, покажаа интерес и за актуелните политички случувања во нашата земја. Тие ја нагласија нивната, и поддршката на САД, во спроведувањето на реформите, особено во делот на правната држава, владеењето на правото и борбата против корупцијата, како прашања од важност за да се оствари очекуваната цел – датумот за старт на преговорите со ЕУ, што е од интерес и на САД.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.