По лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, на која беше договорено предвремени парламентарни избори да се одржат на 12 април, премиерот Зоран Заев се огласи на Фејсбук двапати.

Тој напиша дека народ ќе си го потврди исправниот пат по кој тргнала земјата, дека македонските граѓани очекуваат СДСМ да ги донесе европските вредности во Македонија и дека македонската иднина е извесна, а СДСМ ќе победи заедно со граѓаните.

На лидерската средба е договорено предвремените парламентарни избори да се одржат на 12 април 2020 година.

Нашиот народ ќе си го потврди исправниот пат по кој тргна земјата.

Тоа е патот на развој и просперитет, патот што води напред. Тоа се повисоките плати, градежната офанзива, огромната социјална помош, поддршката за домашните фирми, мерките против загадувањето, враќањето пари директно кај граѓаните и бескомпромисната борба против корупцијата.

Подготвени сме за голема победа и испраќање во заборав на политиките кои нудат изолација, национализам, поделби, конфликти и богатење на неколкумина на сметка на граѓаните.

Македонската иднина е извесна, ќе победиме заедно со граѓаните!

Заев е убеден дека на 12 април граѓаните мудро ќе донесат одлука, со која ќе го трасираат патот по кој СДСМ ќе ја води земјата.

Граѓаните од нас очекуваат европските вредности да ги донесеме овде, да ги живееме сите.

Остануваме на патот којшто носи демократија, којшто носи европски вредности, владеење на правото, севкупни човекови слободи и права.

На 12 април граѓаните мудро ќе донесат одлука, со која ќе го трасираат патот по кој ние политичарите ќе ја водиме нашата земја и нашиот народ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.