Нема ден, а на виделина да не излезе ново сведочење за владосудството и диктатурата во Македонија, особено кога станува збор за „Рекет“, најголемиот рекетарски криминал, тежок милиони евра, посочи на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Потсети дека на судско рочиште вчера беа презентирани докази за комуникација преку „вибер“, од која, како што кажа, е јасно дека Зоран Заев управува со судскиот процес за „Рекет“, и од кои станува јасно дека Заев има влијание врз судии и јавни обвинители.

Според презентираната вибер комуникацијата пред судот, помеѓу Зоран Башановиќ, близок соработник на Заев и Јасна Мандиќ, обвинетата директорка на Меѓународен сојуз, се докажува заложбата и ургенцијата на Заев да наредува кој да оди во затвор, кој во притвор, а кој во домашен притвор. Во Судот беа читани пораки од Зоран Заев кон Зоран Башановиќ, како одговор на побараната помош од Јасна Мандиќ до Заев.
Заев во презентираната порака пишува „Јас ќе замолам во ЈО и Суд да доделат полесна мерка, да не биде затвор”. Веднаш потоа допишува „Другар, има докази за Јасна ми кажуваат. Но ќе се обидам да не е притвор”, за на крај да му се обрати со порака „Нема да оди во притвор”, рече Стоилковски.

Тој потсети дека Јасна Мандиќ тогаш не отиде во затворска ќелија, туку доби полесна мерка, домашен притвор.

Од тука станува јасна недвосмислената ситуација: Зоран Заев има увид во работата во третата власт – правосудството. Кој е тој што му реферира на Заев за обвинителски случаи и дали така завршуваат сите процеси? Заев одобрува обвинителски истраги и обвинителски акти, а тие се спроведуваат само по негово барање и одобрување?
Второ, Зоран Заев влијае врз судските одлуки. По пораката, судијата определува куќен притвор – значи исполнето е барањето на Заев. Со тоа Заев лично определува по негова желба и видување кој да оди во затвор, а кој не. Тоа не е правосуден, туку владосуден систем – премиерот на Владата тужи, премиерот пресудува. Заев нарачува кој ќе лежи затвор или не.
Трето, уште колку пораки ќе излезат кои ќе покажат вмешаност на Заев во самиот случај Рекет, во кој што до сега се обвинети, осудени и осомничени поголем дел од неговите најблиски соработници?
Ова јасно докажува и зошто не беа земени предвид пораките на Заев до Боки13, осуден за „Рекет“, но и главен човек на Меѓународниот сојуз? Бојан Јовановски неколку пати побара да биде вештачен неговиот телефон и директната комуникација со Заев, а судот и обвинителството на Заев тоа го одбиваа. Тоа ли е барање и желба на Заев, треба да кажат обвинителите и судството, рече Стоилковски.

Додаде дека и по сето ова Обвинителството молчи и одбива да го истражи случајот на мешање на премиер во носење на одлуки од правосудните органи.

Тоа е директно спротивно на демократијата и не е за прв пат и самиот Заев сам во една прилика е снимен како вели „Без Заев не може“!
Со Зоран Заев невозможно е да се има правосуден систем, а Македонија тоне во диктаторство и авторитаризам. Додека е Зоран Заев таму каде што е, ниту право ниту правда нема да има во Македонија. Тој мора да замине, потребна е влада на национален спас и справување со криминалот, корупцијата и кршењето на човековите права, порача Стоилковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.