Изгоре модуларната болница во Тетово пред една недела има и човечки жртви, почетокот на август пожари главно во источниот дел на земјава, на почетокот на годинава изгоре и трговскиот центар „Глобал“. Еден именител е заеднички – за сите овие настани нема реални истраги, одговорност уште помалку.

Недела дена по пожарот во кој изгоре модуларната болница нема ниту истрага, ниту одговорност од надлежните како премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче. Два дена дебата во Собранието и барање од опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се стави на дневен ред оставката на Филипче, но првиот човек на Собранието, Талат Џафери упорно се става во функција на политиката, а не правото, или се става во политичките игри на двоецот Заев-Филипче.

Никој не е венчан за функцијата, секој е заменлив, но не треба веднаш да си даде оставка затоа што некој тоа го бара, вака премиерот Заев одговори на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за оставка на министерот за здравство Венко Филипче.

На оваа изјава од Заев ВМРО-ДПМНЕ со реакција „колку луѓе треба да ги загубат своите животи за Заев да си даде оставка?!“.

Нека каже Заев уште колку трагедии треба да и се случат на државата за некој да понесе одговорност?! Ако си даде оставка Заев не се распушта државата, само тој си дава оставка, едноставно е, се вели во реакцијата и се додадава дека Заев не е судија кој треба да ги цени извештаите и наодите на експертите, тие ќе бидат основа за кривична одговорност на Хасани и Филипче, од која нема бегање. Заев треба само да ги разреши Хасани и Филипче зошто тоа е моралната одговорност, а потоа и тој да си поднесе оставка.

Во меѓувреме во јавноста само се лиферуваат вести како скопското и тетовско обвинителство ја спроведуваат истрагата, но ништо не се поместува.

Најавени се форензичари за пожари и крим – техничари за ласерско мерење на простории од германската федерална криминалистичка служба кои треба да пристигнат во земјава, но и тие никако да дојдат.

Според најавите, паралелно со истрагата на форензичарите, обвинителството ќе ја чешла документацијата на Министерството за здравство за изградба на модуларната болница и велешката фирма изведувач.

На почеток на годинава пак изгоре трговскиот центар „Глобал“. По девет месеци нема никакви детали за случајот. Два месеца по пожарот, во март со работа почна дел од пазарот, како и продавниците на сите катови. Тогаш од Општинската комисија за проценки на штети од елементарни и други непогоди информираа само дека сопствениците на тезги и продавници поднесуваат барања за отштети, но дека Општинската комисија само ги сублимира барањата за отштета во заеднички извештај за штетата, истиот го доставувува до Советот на општина Струмица и по неговото усвојување се доставува до Републичката комисија за проценка на штети. Ова се единствните информации во врска со „Глобал“ или се заврши со земање отштета, без одговорност.

Слична е ситуацијата и со пожарите кои на почетокот на август зафатија голем дел од државава посебно источниот дел.

Владата кон крајот на август на седница го разгледа Извештајот на јавното претпријатие Национални шуми за штетите од пожарите заклучно до 15 август во кој се констатира дека од вкупно зафатените 9.907 хектари, 8.803 отпаѓаат на површини со шуми или завршиле во шуми, при што изгореле 442.074 метри кубни дрвна маса. За одговорност не стана ни збор, туку само дека согласно оваа информација, „Владата го задолжи ЈП Национални шуми да донесе програма за пошумување со план за активности уште во текот на оваа есен“.

И покрај укажувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека треба да се сноси одговорност прво на локално ниво, а потоа и централно, но на никој, според онаа народната, влакно не му фали.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.