Процесот на преговори за формирање на новата влада ќе почне по Илинден. Бројките се јасни, СДСМ и коалицијата „Можеме“ на овие избори обезбеди најмногу пратеници и е кристално јасно кој го има мандатот да формира влада, вели лидерот на СДСМ Зоран Заев во интервју за „А1он“.

Изборната победа е уште една потврда и поддршка за политиките на СДСМ, на Преспанскиот договор и на Договорот за добрососедство со Бугарија. Се покажа уште еднаш дека граѓаните ги поддржаа овие храбри одлуки, дека мнозинството стои зад нив, а тоа ме прави особено горд и среќен. Понудата на ВМРО-ДПМНЕ, враќањето на мрачното минато, најавите за преиспитување на Договорите со Грција и со Бугарија, загрозувањето на нашето членство во НАТО, загрозувањето на нашиот евроинтеграциски пат добија јасен црвен картон. Тие застарени и националистички политики немаат иднина на нашата политичка сцена, смета Заев.

Тој вели дека СДСМ и коалицијата „Можеме“ имаат најголем коалициски потенцијал и ќе разговараат за коалицирање со сите партии кои се подготвени да го прифатат европскиот, демократскиот и слободарскиот концепт на земјата, најавувајќи дека процесот на преговори за формирање на нов состав на владата ќе почнат веднаш по илинденските празници.

Нам во овој момент ни се неопходни стабилно парламентарно мнозинство, стабилна влада, која успешно и ефикасно ќе ги менаџира со здравствената криза и економските предизвици со кои се соочуваме, но и евроинтеграцискиот концепт на кој чекавме 30 години. Затоа сметам дека разумот и рационалноста ќе преовладаат и дека во рамките на со Уставот предвидените рокови СДСМ ќе обезбеди функционална влада, додава Заев.

Тој изразува уверување дека политичките субјекти ќе покажат одговорност пред граѓаните кои ги избрале и дека во Собранието ќе се обезбеди демократско мнозинство за да избере стабилна влада.

 Август ќе биде изразено активен политички месец кога Македонија ќе го заокружи изборниот процес и ќе ги стави во функција новото Собрание и новата Влада, потенцира Заев во интервјуто за „А1он“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.