Решенијата треба да се бараат низ дијалог, аргументи, ставови, програми, кадри и определби. Уцени и присила не смее да има зашто горчината од таквото однесување граѓаните ќе ја почувствуваат и тоа ќе остави трага, рече денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по добивањето на мандатот за составување нова Влада.

Одговорајќи на новинарско прашање дали стравува дека можеби предлогот на ДУИ за премиер Албанец ќе се дискутира и ќе наиде на поддршка од сите присутни на денешната средба што ја иницира Али Ахмети со албанските партиски лидери, Заев истакна дека ваквата идеја, според информациите, нема да биде една од темите на состанокот.

-Секој има право да одлучи како мисли. Мене ми е драго кога го видов дневниот ред, во него нема таква работа и навистина тоа испраќа малку поодговорна порака од онаа што јас ја имав како перцепција, а веројатно и повеќето граѓани. Се разговара да се направи рекапитулар на тркалезната маса од последното одржување до сега, се разговара за теми важни за државата. Не препознав точка која беше објавена вчера од оние што канат, а тоа се ДУИ, дека има такво прашање, рече Заев.

Според него, ништо ако е изнасилено не носи одржливост и резултат.

-Никој не е должен да биде уценуван и присилуван. Мене ми е драго што и така течат разговорите, не низ уцена и присила, туку со заемно разбирање и аргументација на ставовите и политиките. Ако граѓаните ја доживеат горчината дека некој е под уцени, Ахемти, Заев, Мицкоски, Касами, Села,…, таа ќе остане и тоа остава трага. Тоа не смееме да го дозволиме. Уцени не смее да има, туку аргументи, ставови, програми, кадри, опееделби, тука да ги најдеме решенијата, потенцира Заев кој денеска го доби мандатот за составување Влада од претседателот Стево Пендаровски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.