Премиерот Зоран Заев смета дека 12 април како датум за одржување на предвремените парламентарни избори треба да се задржи, но, како што вели, се остава можност за какви било промени, пред се заради ратификацијата на Протоколот за прием на Македонија во НАТО.

Треба да се држиме до одлуките, барем до оние кои како политичките чинители ги донесовме со консензус и 12 април треба да го задржиме. Секако, секој пат одговорноста на државата е пред се и над се. Оставаме можност да се случат било какви промени, пред се заради НАТО ратификацијата – изјави премиерот Заев одговарајќи на новинарско прашање по увидот во отпочнувањето на градежните работи на патот од село Бутел до село Љуботен.

Посочи дека како држава нема да дозволиме да немаме парламент токму кога ние треба да го ратификуваме Протоколот со НАТО.

Сите 29 земји членки го ратификувале Протоколот и кога ќе дојде до Република Македонија да го ратификува не смееме да дозволиме да немаме парламент – истакна премиерот.

Затоа, како што додаде, и претседателот на Парламентот Талат Џафери веројатно води грижа и за прашањето за законските рокови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.