Не поседувам ниту сум видел било какви докази за инволвираност на Трајко Вељаноски во случајот Смилковско Eзеро, изјави Зоран Заев одговарајќи на прашање поставено од родител на едно од убиените момчиња.

Заев сведочи на денешното рочиште за „Монструм“ во Кривичниот суд, на барање на родителите на убиените момчиња кај Смилковско Езеро во април 2012 година.

Горан Наќевски, татко на убиеното момче Александар, го праша СМС пораката што им ја испратил на родителите дека ќе објави бомба, но и телефонски броеви „кои судот ги крие“, на што Заев рече дека како лаик по право прво сфатл дека некои од разговорите што ги поседуваше СДСМ може да се и ПИ-мерки, а тие не смеат да се објавуваат.

Бевте кај мене во партија, се пожаливте дека судот крие од вас телефонски броеви, горевте како и денес што горите да ја дознаете вистината за монструозното убиство на вашите деца и на возрасното лице. Секогаш кога сум имал средба со вас родителите секогаш било на ваше барање како родители кои трагаат по целосна вистина за убиството и секогаш без скриени намери сум давал одговори и пред вас и пред јавноста, рече Заев.

Важно е, повтори Заев да се отвори повторно процесот и да се дадат одговори на сите сомневања што постојат во јавноста.

На прашање од родител дали бил повикан досега пред истражен судија или обвинител за „Монструм“, Заев рече дека не бил повикан ниту од обвинител ниту од истражен судија да даде исказ за овој случај.

Разговорите на Муса Џафери и Сашо Мијалков, Невзат Бејта и обвинетиот Фејзи Азири, кај што бара да му помогне за субвенција за овците, Мијалков и Гордана Јанкулоска, Коце Трајановски и Миле Јанакиески и други, се разговорите на кои Заев се сеќава во врска со „Монструм“.

Рано изутрина на 13 април 2013 година, само десетина часови по убиството кај Смилковско Езеро, бил прислушуван разговор. Ова кај Заев оставило впечаток, зашто се прашувал кога попрво била обезбедена таа наредба за следење, за само неколку часа од крвавиот чин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.