Во разговор за Вечерњи лист претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски (42) вели дека не смета дека ЕУ донела неправедна одлука за одложување на датумот за почеток на преговорите со Македонија, туку смета дека таа одлука е последица на тригодишната катастрофална политика на Зоран Заев (45).

Откако беше одложен датумот за отворање на пристапните преговори за влез во ЕУ за Северна Македонија, премиерот Зоран Заев најави предвремени парламентарни избори за 12 април. Верувате ли дека гласачите ќе го казнат Заев како што во Грција го казнија Ципрас?

Мицкоски: Грешката е огромна и непоправлива. Заев влегува во историјата како нашата најнегативна политичка фигура во последните 28 години, а СДСМ заминува во опозиција каде што ќе има време да анализира кој погрешил и зошто пропуштиле можност нешто да придонесат за државата и за граѓаните. Поразот на Ципрас е внатрешна работа на грција, токму како што и поразот на Заев ќе биде наша работа.

Ако победите на изборите, ќе распишете ли нов референдум за враќање на името Македонија?

Мицкоски: За нас е валиден референдумот од 1991 година и не гледам зошто би распишувале нов. Народот тогаш издбра. Затоа и не сме најавиле распишување нов референдум. Нашите одлуки ќе зависат од волјата на граѓаните. Одлуките треба да бидат мудри и одмерени. Судбината на Преспанскиот договор ќе зависи од резултатот на изборите. Доколку имаме стабилно парламентарно двотретинско мнозинство во Парламентот и мнозинство кај пратениците од другите етнички заедници различни од македонската, се отвора можноста за враќање чекор назад, во спротивно нè чека многу работа и реформи. Македонија набрзо ќе стане полноправна членка на ЕУ, а потоа ќе ги исправа грешките внатре. Не постои договор кој може да ми забрани да бидам Македонец кој говори македонски јазик и е од Македонија. Нашиот концепт е НЕ на антиквизацијата и НЕ на севернизацијата, туку големо ДА и враќање на македонизмот во Македонија.

Дали очекувавте дека францускиот претседател Емануел Макрон ќе го спречи отворањето а пристаапните преговори на Северна македонија за влез во ЕУ откако Северна Македонија ги исполни сите услови кои беа побарани од неа?

Мицкоски: Кога велиме дека Македонија ги исполнила сите барани услови, потребно е да дефинираме кои услови се тоа. Можам да се согласам дека ги исполнивме оние услови во кои активно учествуваше опозицијата, тука пред се мислам на работата во парламентот, активното учество во процесот на усогласување на определени законски решенија, потоа лобирањето на ВМРО-ДПМНЕ кај нашите сестрински партии да поддржат датум за почеток на преговорите, рационалното и конструктивното однесување на ВМРО-ДПМНЕ и покрај сите провокации од страна на Владата и притворањето на членови на Извршниот и Централниот комитет на партијата итн…, но акутен проблем во нашето општество останаа криминалот, корупцијата, политичките притисоци врз судиите и обвинителите и генерално лажната вистина која се испорачуваше од Владата во Брисел. Знаете дека кога Зоран Заев беше градоначалник во Струмица, често пати беше обвинуван дека има сомнеж за сторен криминал во неговото работење како градоначалник. Можеби јавноста во ЕУ заборава, но македонската јавност не може да заборави дека беше аболиран за сомнеж за сторен криминал од страна на претседателот Црвенковски и ослободен од страна на притиснати и уценети судии за делото „Поткуп“, кога од граѓанин бесрамно бараше мито за да заврши работа која како градоначалник по службена должност мораше да ја заврши. Можеби тој пред завесата во сопствениот лажлив речник користи зборови кои рефлектираат на европските вредности, но зад завесата е обичен деспот. Сето ова го забележаа нашите сојузници од ЕУ и дел од нив испратија пораки дека е потребно итно да се европеизираме дома, а потоа да одиме чекор напред кон ЕУ.

Своевремено бевте против промената на името Македонија и го обвинивте премиерот Зоран Заев за предавство поради промената на името на Македонија во Северна Македонија. дали знаевте дека промената на името Македонија нема да биде влезница во ЕУ?

Мицкоски: Не само ВМРО-ДПМНЕ, туку и мнозинството граѓани на Македонија беа против Преспанскиот договор, промена на името и идентитетот. Најголемата политчка лага во независна Македонија беше референдумското прашање кога од граѓаните се бараше да се изјаснат дали го прифаќаат Договорот од Преспа за влез во ЕУ и НАТО. Нам ни беше совршено јасно дека Заев повторно лаже кога ветуваше дека по промената на името и на идентитетот, вратите на ЕУ ќе ни се отворат. Предупредувавме дека со високо ниво на корупција какво што имаме, со непостоење на правна држава, без никакви реформи во образованието, администрацијата и било која друга област, значително се намалуваат шансите за добивање датум. Постојано апелиравме владата помалку да краде, а повеќе да се посвети на реформите. Постојано со докази посочувавме на скандали и афери на актуелната власт, а како одговор добивме молк и амнестија на криминалот од органите на прогонот

Зошто Макрон ги блокира пристапните преговори?

Мицкоски: Повторно ќе морам да ве коригирам. Сметам дека тоа не беше еднострана одлука на претседателот Макрон, тука на неколку земји-членки кои имаат аргументи за одлуката која ја донесоа. Тоа што мене ми е познато е дека сигурно имаат информации за случајот „Рекет“ и сеприсутната корупција. Сигурен сум дека имаат инфомации за блиските контакти на Заев со сега притворениот сопственик на медиумот, кој самиот го карактеризираше како провладин. Сигурен сум дека им пренеле и за злоупотребите на Катица Јанева, која беше црвена линија на Зоран Заев кога се зборуваше за судбината на Специјалното јавно обвинителство. Сигурен сум дека се пренесени и информациите за рекетирање на фирми во фармацевтската индустрија или за амнестирањето на Заев за случајот „Поткуп“, во кој целата јавност го виде како бара мито. Станува збор за многу влијателни земји за да се убедуваме дека донеле импулсивни и неаргументирани одлуки.

Верувате ли дека Макрон, сепак, би можело да ја смени својата одлука?

Мицкоски: Доколку ме прашувате за мое лично мислење за одлукат ана претседателот Макрон, мислам дека шансите за тоа се минимални, особено доколку претседателот Макрон не добие цврсти аргументи дека фактичката состојба е променета, а давањето датум за Македонија е придобивка и за Франција и за ЕУ. Какви гаранции може да добие претседателот Макрон од Заев? Ќе се заколне дека веќе нема да краде? Ќе се заколне дека веќе нема да врши притисоци врз судот и обвинителството? Ќе се заколне дека ќе ја реформира државата за младите да не мора да бегаат за корка леб? Па човекот се колне веќе три години и никому ништо. Се колнеше и дека немало маж кој би го сменил името, па го смени. Заев нема образ, а Европа на солзи не верува. Потребна е брза промена на власта и нова политичка гарнитура која ќе биде стабилен и доберлив партнер, во кој меѓународниот фактор ќе види капацитет и искреност за испорачување на потребните реформи. Сепак, мора да добиеме што е можно поголема поддршка на изборите за да се посветиме во целост на обновата на Македонија.

Го гледате ли најавениот влез на Северна Македонија во НАТО како успех кој е постигнат благодарение на Заев и на промената на името на државата?

Мицкоски: Членството во НАТО е од корист на Македонија. Кога СДСМ, наследникот на поранешната Комунистичка партија, чекаше да види што ќе каже раководството на Комунистичката партија во деведесеттите, ВМРО-ДПМНЕ во сите свои документи и доктрини веќе ги имаше вклучено евроатлантските интеграции. ВМРО-ДПМНЕ успеа земјата да ја донесе до прагот на членството во НАТО уште во 2008 година исполнувајќи ги сите услови. Македонија со години е партнер во мировните мисии на НАТО и распоредувала свои сили кога било потребно. Да нема дилеми, ВМРО-ДПМНЕ го поздравува членството во НАТО кое го заслуживме во 2008 година. ВМРО-ДПМНЕ само ја коментира цената што ја плати Зоран Заев. Сметаме дека црн политичар како Зоран Заев, е уценуван и постои сомнеж дека направил злосторство на штета на интересите на македонскиот народ и Македонија.

Премиерот Зоран Заев вели дека неговата влада направила се што побарале ЕУ и НАТО, што вклучува и промена на името на државата, за што едвај добија мнозинство во парламентот, и дека се чувствува измамено. Се чувствувате ли вие, како претседател на најголемата опозициска партија, измамено?

Мицкоски: Македонскиот народ се чувствува измамено. Заев дојде на власт благодарение на измама. Не победи на избори, но формираше влада. Заев продолжи во тој стил. Ветуваше 600 километри автопат, а не изгради ниту еден. Ветуваше чист воздух, а Скопје е меѓу петте најзагадени метрополи во светот. Ветуваа враќање на младите, а секојдневно заминуваат во еден правец авиони и автобуси полни со образовани кадри кои веќе не гледаат иднина тука. Ветуваа запирање на задолжувањето, а долгот континуирано расне, но нема никаква инвестиција. Ветуваше дека ќе се борел против криминалот и корупцијата, а никогаш во минатото немало повеќе криминал и корупција отколку денес и тоа од најниско до највисоко ниво во Владата. Јас можеби и сум знаел и сум очекувал вакво однесување од Заев, но граѓаните сигурно се измамени и ќе го казнат тоа.

Ако победите на изборите, ќе формирате ли коалиција со некои албански партии кои на минатите избори ве измамија? 

Мицкоски: Сакам да верувам во созревање и учење од грешките. Заев формираше влада без да добие мнозинска поддршка и видовме дека тоа никому не му донесе ништо добро. Ниту на Македонците, ниту на Албанците, на Србите, на Хрватите, Турците, Ромите, Бошњаците или кои било други. Донесе само надмено, себично, расипничко однесување и огромен криминал. ВМРО-ДПМНЕ секогаш имало коалициски потенцијал со партиите на Албанците, но истовремено треба да се води сметка за програмското согласување. За нас ќе биде важно да го видиме капацитетот и волјата да се реализираат соодветни реформи.

Колку ја дестабилизира Македонија одлуката за недовицање зелено светло за пристапни преговори со ЕУ?

Мицкоски: Во Македонија постои консензус за членството во ЕУ и НАТО и по политичка и по етничка линија. Не гледам некоја сериозна сила против ваквата прозападна ориентација. Службите би требало да имаат повеќе информации доколку постојат некои поинакви движења, но засега не сме виделе никаква реакција. Секогаш постои ризикот евроскептиците да добијат поголемо влијание, но убеден сум дека нема земјава да отстапи од евроатлантските перспективи. Постои ризик и Заев целата вина да ја префрла на ЕУ и на Франција, но граѓаните се мудри и не паѓаат веќе на лагите на Заев.

Каква е економската ситуација во Македонија?

Мицкоски: Секој петти Македонец живее под прагот на сиромаштијата. Значи не дека нема доволно пари за летување или за студирање, туку нема за да се прехрани. Официјалните бројки велат дека над 500 000 граѓани немаат основни средства за егзистенција. Последни сме на листите за странски директни инвестиции, ништо не се гради, а реализацијата на капиталните инвестиции и покрај ниските проекции едвај надминува 1/3 од планираното. Здравството е во хаос. Образованието и земјоделието се пред колапс. Македонија тоне на ранг-листите на Транспаренси за корупција. Тоа е сликата на Македонија три години откако Заев е на власт.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.