На 5 мај народот гласно ќе зборува со пенкалото во рака и ќе го заокружи бројот пред името на претседателот на Република Македонија, Гордана Силјановска Давкова – вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој верува во убедлива победа на вториот круг од овие претседателски избори, но и на парламентарни избори, кои премиерот Зоран Заев ги вети, доколку СДСМ изгуби на овие избори или пак нема цензус. Според него стигнува казната од народот кој живее тешко и е разочаран од нереализираните ветувања и лагите кои Заев ги даваше пред парламентарните избори. Ниту Ж нема од животот, животот пекол стана во Македонија – вели Мицкоски.

Денеска е 1 Мај, Денот на трудот. Неизбежно прашање е македонскиот работник. Какви се правата на македонскиот работник? Сметате ли дека има некакво подобрување на работничките права во земјава низ годините? Што му недостига најмногу на македонскиот работник?

Мицкоски: Не само во кампањата, туку и во периодот пред кампањата имав можност да разговарам и да слушнам сведоштва на голем број граѓани, работници кои работат во различен дел од индустријата, но и во аминистрацијата, во други компании. Генерално превладува заедничко мислење кај сите дека ситуацијата е катастрофална, дека потешко никогаш не било. И ова не го зборувам само како претседател на опозицијата, па еве да ја критикуваме владата само затоа што треба да ја критикуваме. Навистина, сведочењата на работниците се траорни: за амбиентот во којшто работат, условите, за платите воопшто и не сакам да разговарам – тие се под секој пристоен човечки минимум. Сето она што беше ветувано од Зоран Заев во предизборието во изборите во 2016 и во 2017 година останаа празни ветувања, празно слово напишано на хартија. Се сеќавате на оној по малку комичен учебник наречен „Живот“. Ниту Ж нема од животот, животот пекол стана во Македонија.

Целокупната состојба на работниците генрално е лоша, но она што ме загрижува е синдикалното организирање. Пркосот којшто треба да произлезе од синдикалните организации никаде не го гледам. Дали некој ги заспа синдикатите применувајќи неконвенционални методи или што се случи, не знам, но оној којшто треба да биде авангарда, да ги брани и да ги застапува работничките права, веќе две години не сум слушнал дека има некаква активност, освен Синдикатот за образование, којшто имаше неколку обиди за протесни маршеви низ Република Македонија, но и тие прекинаа.

Синдикатите кои ги поврзуваат работниците во индустријата никаде ги нема. Од луѓето кои ги водат тие синдикални организации сум слушнал информации дека власта преку сопствени инсталации прави упад во синикалните здружувања и на тој начин се обидува да го контролира незадовоството коешто тлее меѓу работниците.

Сепак, не треба да очајуваме. Доаѓаат подобри времиња. ВМРО-ДПМНЕ победува на претседателските избори, а ќе победи и на предвремените параментарни избори. Деспотот е на колена, а тогаш ќе дојдат и подобри времиња и за работниците и за сите граѓани во Република Македонија.

Реални ви беа тие ветувања кога ги слушавте од 500 евра плата за секој работник? Дали мислите дека вие, доколку дојде до предвремени парламентарни избори на кои би победиле, можете да обезбeдите таква плата, како што ветуваше Заев?

Мицкоски: За мене не било реално ниту едно ветување од Зоран Заев. Денеска само се потврдија моите сомнежи дека тогаш сум бил во право. Навистина немам што да коментирам за политичар кој често се коцка со вистината или не ја зборува вистината. Неговите ветувања се празни ветувања и служат најчесто за една намена – што подолго да остане на таа фотеља, за пусти пари, за пуста власт.

Она што ВМРО-ДПМНЕ го има зацртано како агенда во своите активности е како да го направи животот на нашите сограѓани поквалитетен. Се разбира дека ние не можеме да излеземе со програма којашто ќе понуди стопроцентно решавање на сите проблеми на нашите сограѓани, но можам да кажам дека ќе излеземе со програма невидена досега, којашто ќе понуди решенија за најголем дел од проблемите на нашите граѓани. Не би навлегувал во нумерички податоци X евра плата, Y евра просечна плата. Ќе сториме сѐ не само 500, туку и повеќе стотици евра просечна плата во Македонија, затоа што нашите граѓани заслужуваат поинаква реалност од оваа.

Денеска прочитав дека платите во источноевропските земји галопирачки растат, затоа што дел од квалификуваната работна сила мигрира во западна Европа и како пример се земени Бугарија, Унгарија, Романија, Хрватска, Полска. Она што го вети Заев беше празно ветувње, нема ништо од тоа, а од друга страна источноевропските земји, меѓу кои и нашиот сосед Бугарија, работат на тоа како да си ги задржат во својата земја висококвалификуваните луѓе. Просечните плати во тие држави растат од 8 до 12% на годишно ниво, што е исклучително квалитетен податок. На пример, во Романија, општите лекари, како матичните кај нас, имаат 1860-1920 евра плата. Медицинските сестри земаат 650-700 евра просечна плата за да не ја напуштаат државата.

Ова значи дека може доколку се има јасен план, јасна методологија. За жал, овие политички авантуристи, измамници, покажаа и докажаа дека нивниот збор воопшто не тежи. За среќа на граѓаните, доаѓаат подобри времиња, доаѓаат политичари кои ќе бидат помеѓу граѓаните и заедно со граѓаните ќе работат за доброто на оваа држава.

Платите беа само едно од ветувањата на Зоран Заев пред да дојде на власт. Имаше и многу други ветувања во економијата, кои за жал се само приказна, не и реалност. Заев тврди дека одиме кон подобро, постојано има критики на таа тема, а оправдување за нив е претходното владеење. Претходната власт направи катастрофа, ние не можеме да излеземе од тоа. Беа ли доволно две години власт за да се направи нешто повеќе и за да ги видиме првите резултати доколку се работеше сериозно?

Мицкоски: Вашето прашање има одговор со две тези. Зоран Заев ветуваше раст на бруто-домашниот производ од 5%. Доколку се анализира досегашниот раст на владата на Зоран Заев од 1 јуни 2017 година заклучно со последниот квартал од 2018 година, тоа е некаде скромно над 2%. Толку очекувам и во првиот квартал од 2019 година  Под услов да немаме предвремени парламентарни избори, од првиот до последниот квартал во 2019 година владата на СДСМ и Зоран Заев не може да испорача зголемување на БДП од 2,8 до 3%. Тоа значи дека ги излажале граѓаните за точно една милијарда евра. Доколку имавме 5% раст на БДП, ќе имавме една милијарда повеќе БДП од тој што ќе го имаме сега, под претпоставка да го истера оваа влада целокупниот мандат до 2020 година.

Она што е покомично во нивната теза е дека санирале дубиози од минатото, а всушност и овој скромен раст на БДП се темели на силната активност на странските инвестиции коишто беа донесени во зоните од претходната влада. Зборувам и за тие од претходните години и за овие што си ги припишаа – да ги немаше нивните активности, ќе ги немаше ниту овие скромни 2%. Ова се случува во време кога на светската и на европската економија им оди блескаво. Во услови на фантастична светска економија, кога на сите држави во Европа и во регионот им оди фантастично, ние успеваме да имаме потпросечни резултати кои исклучиво се темелат на активностите од претходните влади.

Имаме катастрофална ситуација во економијата, не успевме да го фатиме бранот на поволна економска клима и во регионот и во Европа, но и во светот. Платите се во рамките на просекот и од претходните години. Имавме скок во декември 2018 година, но тој се должеше на тоа што голем дел од комапниите ги исплатија акумулираните добивки во форма на бонуси или дополнителни плати за вработените, затоа што од 1 јануари 2019 година имаме зголемување на персоналниот данок, имаме зголемување на високоплатените места од 10 на 18%. Тие ја искористија фискалната 2018 година да заштедат средства што понатаму би ги користеле за инвестиции. Во јануари 2019 година веќе просечната плата од декември 2018 година падна и истиот тренд продолжи во февруари. Јануарската просечна плата е помала од декемвриската за 1500 денари. Начинот на којшто си играат со плановите на економските бизнис-оператори во земјава е финта економија. Не можете да имате предвидлива и успешна економија доколку немате предвидлива и успешна влада во рамките на планирањето на даночните обврски што ќе им ги наметне владата. Тоа значи дека ако комапнијата нема јасна даночна политика во следните години, не можете јасно да го предвидите развојот на компанијата. Ние гледаме дека оваа влада едно ветуваше кога беше во опозиција, а прво што направи, ги покачи акцизите за нафтата за да може да акумулира повеќе пари во буџетот, а потоа ги зголеми даноците, некои и за двојно, некои и за повеќе од двојно. Оваа финта економија ќе удри по џебовите и негативно ќе се одрази на квалитетот на животот на нашите сограѓани.

Она што за мене е уште поалармантно е тоа што многу економски бизнис-оператори одлучуваат бизнисот да го преселат во други земи и голем дел од нашата квалификувана сила останува без работа и единствен начин е да мигрира во Европа, Америка, Австралија.

Значи, имаме двојна загуба – од една страна компаниите ни се селат, а од друга страна квалификуваната работна сила си заминува.

Катастрофална слика во економијата. Не успеавме да го фатиме овој бран на успешна економска активност во Европа и во светот, но се надевам дека брзо ќе има предвремени парламентарни избори и ќе дојдат политичари, експерти и луѓе кои навистина ќе знаат како да ја поткренат македонската економија од оваа пепел во којашто е сега.

Гасификацијата е уште едно од ветувањето. Се зборува за поврзување со цевка од Неготино до Грција. Очекувате дека тоа ќе се реализира?

Мицкоски: Ветуваа многу работи, гасификацијата, ТЕ Неготино, ветуваа енергетско-земјоделски комбинат, што кога го прочитав во нивната програма, се шокирав. Таква кованица не постои во светов. Тоа беше едно откровение на тимот експерти од енергетиката кои работеа на планот на СДСМ, но еве години потоа се виде дека не успеаја да го преточат во дела, па сега се обидуваат да ја продадат ТЕ Неготино.

Имаат многу потфрлања, особено во гасификацијата. Имавме еден тендер во кој баравме приватен партнер којшто ќе склучи договор за јавно-приватно партнерство со владата за изградба на секундарна и терциерна гасификациона мрежа. Тоа значи да се изгради цевна инфраструктура која ќе го донесе гасот до домовите. Владата на ВМРО-ДПМНЕ го изгради магистралниот гасовод со Клириншкиот долг од Руската Федерација, а потоа почна со изградба на магистрални гасоводи од Штип преку Неготино до Битола, а другиот крак да биде завршен до Гоствар преку Скопје и Тетово. Од тие гасоводи требаше да се изгради цевната инфраструктура за да може да дојде гасот до домовите. Ивавме еден таков јавен повик, јас го водев во тоа време тој повик, но кога дојде новата влада, вицепремиерот одлучи да го поништи тој јавен повик за да направат подобри услови. Еве, две години подоцна, прочитав дека формирале комисија којашто ќе го реобјави истиот тој тендер. После две години наместо да имаме избрано концесионер кој ќе работи на терен, се сетија дека тоа што е изработено е добро и ќе го повторат, се разбира, со нова комисија.

Истото се случи и со Чебрене-Галиште. Имавме тендер, се бараше техничко решение, еден иновативен пристап, поинаков од тоа што беше во минатото од тие неуспешни тендери. Не велам дека и во минатото беше нешто блескаво успешно, но во последниот тендер имавме навистина десетина реномирани светски компании кои беа заинтересирани да понудат технички решенија. Тие тоа го поништија, имаа идеја, не знам од каде, бев вчудневиден кога слушнав, ЕЛЕМ да ја гради. Не знам со колкав финансиски потенцијал располага ЕЛЕМ сега, но не верувам дека е нешто променето од времето кога јас бев претседател на управниот одбор и директор на АД Електрани на Македонија, но тој финансиски потенцијал кој што го имаше ЕЛЕМ, практично не може да затвори ни 5 проценти од инвестицијата. Но во ред, може оваа нивната финта економија има поинаков пристап. Но, гледаме дека и таа идеја затаи, за сега, веројатно повторно за потребите на изборите, овој истиот вцепремиер беше во Белград на состанок со Меѓународната финансиска група, каде што повторно го стави на маса проектот Чебрене-Галиште и повторно од февруари месец 2019 година, еве веќе дојде мај месец, немаме ни трага ни глас, ниту некој го повтори тој проект. Со други зборви, многу невистини, многу манипулации, многу шпекулации во полето на економијата, во полето на енергетиката. За жал, граѓаните трпат од оваа нивна безидејност, од сите овие нивни манипулации, лаги, погрешни политики, лоши чекори, финта економија, но добро е што доаѓа денот кога ќе дојдат честити луге, експерти во таа област и луѓе кои ќе можат навистина да понудат нешто кое што ќе биде решение за дел од проблемите со кои се соочуваат нашите сограѓани. А овие политички измамници, се надевам после тие предвремени парламентарни избори ќе заминат трајно од политичката сцена во Република Македонија.

Ги споменавте земјоделците. Заев се пофали дека е човек од земјоделството, дека е земјоделец кој што стигнал до таму каде што стигнал. Пстојано сте во руралните средни во овој период од кампањата, се сретнувате со земјоделците. Дали земјоделецот почувствувал некаква промена откако е дојдена СДСМ на власт, со оглед дека Заев ветуваше зголемен откуп, подобри услови…?

Зоран Заев го поврзуваат две работи со земјоделците. Првата е што тој се обидува да игра на ниски страсти и емoции дека ете тој потекнува од рурален крај кој доминантно се занимава со земјоделие, и тука тој ја знае маката на земјоделците, сочувствува со нив и дека тој е еден од нив и ќе понуди решенија. Имаше можност да понуди решенија. Тие решенија ги понуди за време на предвремените парламентарните избори во 2016 година и велеше дека ќе има загарантиран откуп за природот на земјоделците и дека ќе има практично зголемени субвенции и поддршка во механизација и така натаму. Тој ги разбирал проблемите на земјоделците. Но тоа беше кога беше опозиција, пред да дојде до тие пусти пари и таа пуста власт. Денес кога Зоран Заев е таму каде што е, секојдневието и реалноста во Република Македонија е следна – појдете во Ресен, ќе видите како ги сечат јаболкниците затоа што луѓето килограм јаболка го продаваат за еден денар и за еден денар нема кој да им ги откупи. Појдете во Пијанец и Малешевијата и ќе ви раскажат како сливите ги истураат во коритата на реките затоа што нема кој да им ги откупи. Појдете во кочанско ќе ги видите амбарите полни со ориз, зошто нема кој да им ги откупи. Во Росоман е исто со праските. Појдете во југоисточна Македонија ќе ви споделат приказни како завршил бостанот, како завршиле раноградинарските производи. Можам да редам голем број од овие неуспеси, од лажни ветувања на Зоран Заев, но она што за него е сега е заклучок, настрана од тоа што се покажа дека не само што не знае, туку и не може да го реши, е што тој повторно сега води една бентли-мајбах политика која никако не се споредува во она светло во кое тој сака да се прикаже. Ако вие навистина сочувствувате со тие луѓе и ако вие навистина знаете кои се нивните проблеми, тогаш повремено, додека се возите во скапите бентли и мајбах автомобили кои се дел од возниот парк на вашето семејство ќе можете да видите дека тие луѓе едвај врзуваат крај со крај, едвај поминуваат од први до први. Такашто, сликата на политичар којшто води бентли-мајбах политика и политичар којшто сака да се претстави дека е дел од земјоделците, дека сочувствува со нивните проблеми, не идат една со друга. Напротив, тие една со друга се контрадикторни. Но тоа е дел од оној фолклор претпознатлив за овие политички измамници, кои што кажав, освен лагата, невистината, коцкањето со вистината, не знаат ништо друго и да понудат.

Актуелен е студениот туш којшто го доби Македонија од Меркел и Макрон во Берлин. Сакаме да прифатиме или не името на државата е променето, ние сме Република Северна Македонија, со ветување дека тоа ќе ни ги отвори вратите кон ЕУ.

Не е само името. Оној договор којшто се потпиша во Нивици комплетно го негира македонскиот идентитет. Многу е подлабоко, суштински е погрешно. И повторно ќе кажам. Она со кое тргуваше Зоран Заев го наследи од некој друг, некој друг за ова се борел, за ние денеска да може ова да го живееме. Но Зоран Заев тргуваше со тоа за да стане премиер, да избегне казна за оној случај „Поткуп“, да може да има моќ, и за пусти пари. Многу е едноставна работата. А инаку, пред завесата паролата беше „Ова мора да го направиме за да имаме подоба иднина“. И сега што се случи? Минатата година си спомнувам за она селфи во владиниот авион кадешто владините претставници обзнанија смело „штотуку добивме вест дека добивме датум за почеток на преговорите“. Па се организираа оние претстави на полупразните и празните плоштади ширум Македонија, се трошеа народни пари, се плаќаа скапи бини, озвучување, осветлување, се славеше денот на отпочнување преговори, но видовме дека нема преговори. Дојде 2019 година, Зоран Заев со оној негов 102,5 проценти избраник за претседателски кандидат повторно шета низ Македонија, велеа „еве за два месеци ќе добиеме датум“, но, за жал, видовме дека нема ништо, ниту од датум, ниту од некоја јасна блиска европска перспектива за Република Македонија. И потрагично од сето ова е што никој од нив не сноси никаква одговорност. Туку повторно се обидуваат преку смешни ПР алатки да ја убедат македонската јавност дека ова што го гледаат всушност не го гледаат, дека оваа лага е всушност вистина и дека имаме јасна европска перспектива со овие политичари. Не можеме да имаме јасна европска перспектива со политичари кои што водат мајбах-бентли политика по принципот на Мирчо свињарникот. Тоа треба да ни е јасно. Европска перспектива додека најпосакуван бизнис партнер е братот на премиерот Зоран Заев, не можеме да имаме. Европска перспектива со поранешно сваровски судство и денешно кацарска судство и рускоска обвинителство не можеме да имаме. Ние не можеме да имаме европска перспектива ако на први април кога започнува изборната кампања судот носи одлука за помилување на премиерот за случајот „Поткуп“ во кој што цела Македонија гледаше и слушаше што бара тогашниот градоначалник и денешен премиер на државата. Ние не можеме да имаме европска перспектива по принципот „живи луѓе ќе јадеме“. И со таков тип на политичари. Ние можеме да имаме таква перспектива ако ги засукаме ракавите, ако направиме вистински реформи, ако направиме реформи кои ќе овозможат вистински живот за нашите граѓани. Ако вратиме владеење на правото, ако вратиме правна држава. Без тоа ние не можеме да одиме понатаму. А тоа не може да го врати Христијан, или пак да го направи Зоран Заев. Тоа треба да си го направат луѓето од фелата, судиите и обвинителите. Да ги оставиме, да ги тргнеме ние рацете од судството и обвинителството, да ги оставиме луѓето сами да си ги направат реформите, да направиме стабилно судство, чесно обвинителство, дури потоа ние ќе имаме и повеќе инвестиции, ќе имаме реформи и во другите области, ќе имаме и повеќе пари во буџетот, и повеќе нови работни места и повисоки плати и повеќе субвнции и реновирани училишта и болници. Тоа е онаа спирала, онаа вистинска спирала, а не на Тевдовски и на Заев, како треба Македонија да изгледа во иднина. Тоа е суштината ако вие сакате да функционирате како држава. Не може човек којшто во минатото бил гонет за сомнеж за сторен криминал, во случајот „Глобал“, во случајот „Поткуп“ и во икс други случаи денес да го предводи телото за реформи во судството. Тоа може да биде човек којшто нема никаква концесија во минатото. Тоа може да биде човек којшто никогаш во животот немал проблем со законите. Не може тоа да бидат луѓе коишто ги прати тој багаж на луѓе коишто имале проблем со законите. Тоа е невозможно. И тоа го гледаат тие луѓе во европската администрација и носат такви одлуки. И одлуката е јасна. Вели, луѓе прво треба да си се европизирте. Слушнете ја пораката од Макрон и Меркел – вие треба прво дома да си ги средите работите за да имате европска иднина. Ние тоа го зборувавме овде уште на 2 јуни 2018 година. Прво европизација дома, па после европизација надвор, Со бентли-мајбах политика по принципот на Мирчо свињарникот нема Европа.

Ќе биде ВМРО-ДПМНЕ виновно за студениот туш?

Христијан и ВМРО-ДПМНЕ се виновни и затоа што може ќе падне снег во мај месец на планините во Македонија, доколку го слушаме Зоран Заев. Но тоа е комично, лушето знаат кој е точно виновникот, кој е човекот кој ги лоупотреби нивните гласови, нивните емоции, нивната верба. Се знае, тој човек има име и презиме – Зоран Заев и СДСМ. И тоа е толку јасно што и Зоран Заев ќе биде самиот свесен, прво на 5 мај, а дури потоа и на предвремените парламентарни избори. Се надевам дека барем еднаш во животот ќе биде честит и ќе си го оддржи зборот.

Вети и чистење на дворот после оној резултат од првиот круг. Верувате дека навистина ќе игра метла или ќе остане само на оставки од вработените со непотизам?

Јас на почеток на ова интервју кажав дека не верувам на ниту еден искажан збор од овој тип на политичар, затоа што тврдам, сето она што го говори го говори само за една намена – таа пуста власт и тие пусти пари. Нема ништо друго честито во целата оваа приказна затоа што ако имаше честито, ќе ја напуштеше оваа позиција. Еве утрово добив информација дека последното патување во Берлин, после она фијаско, оној ладен туш, имало друга цел – да ги замоли европските политичари да не објават дека нема да добие Македонија датум за преговори, за да можат, веднаш по изборите на 5 мај, да обвинат дека ВМРО-ДПМНЕ било виновно за тоа. Тоа е една по малку комична и театрална епизода која што ја имал таму. Додека сите политичари се борат за иднината на нивната земја, овој се бори да го обвини ВМРО-ДПМНЕ. Ќе видиме, ајде. Нека помине времето да видиме како ќе се развиваат овие работи.

Знам дека не сте љубител на хипотетички прашања, но да бевте на местото на Заев, со целиот тој непотизам, наместени тендери и се останато од каде ќе почневте со метењето?

Тоа е навистина едно неблагодарно прашање затоа што тоа е надвор од мојот принцип на функционирање. Но замислете, еве да ја имам таа улога, јас би почнал од првиот човек. Знаете, имаше еден твит на професорката Гордана Силјановска Давкова, којшто е многу вистинит, дека рибата мириса од главата. Она што беше направено од страна на Зоран Заев и оној негов метла поданик, па го видовме после неколку дена во еден скопски ресторан во една по малку вака театрална состојба, е сцена од еден филм. Дури и тоа не е нивно автентично. Дури и тоа е прекопирано и тоа го изведоа така невешто, што јас денеска имам навистина една дилема – која е вистината, пред првиот круг од претседателските избори кога Зоран Заев заедно со овој неговиот 102,5 проценти поданик претседателски кандидат не убедуваа дека блескаме во светот, дека инвестиции летаат, платите, невработеноста се намалува, дека европската иднина ни е на дофат, само милиметри се во прашање, само да го избереме поданикот на Заев и веќе сме во Европа, или сега овој Зоран Заев кој вели, еве во ред сфативме дека работата не ја бива и сега ќе игра метлата. Вистината е многу јасна – и првиот пат манипулира и многу лаже, и вториот пат манипулира и лаже, зашто единствената цел е што подолго да останат на нивните позиции за пусти пари и пуста моќ. Ниту имаат намера нешто да поработат, ниту имаат потенцијал нешто да променат. Така што, народот, најпрво на 5 мај ќе им ја покаже метлата на Зоран Заев и овој негов поданик кандидат за претседател, а потоа и на предвремените парламентарни избори конечно ќе завршиме со овој тип на политички измамници.

На 5 мај не очекува ново гласање. На референдумот зборувавте за брзи прсти. ДИК поништи гласање на едно избирачко место поради брзо гласање. Ќе се ослободиме ли од брзите прсти во вториот круг.

Народот е тој што треба да си ја заштити демократијата. Ние во многу наврати тоа го кажувавме и во минатото. И ние нема да се откажеме од тоа додека правдата не излезе на виделина. Имаме избирачки места на кои на референдумот имало излезеност помеѓу 85  и 98 проценти. А сега на првиот круг од претседателските избори таа излезеност не е поголема од 20 проценти, освен на едно место каде таа излезеност беше 22,5 отсто. Сега се поставува прашањето овие брзи гласачи како така јуришно надојдоа за рефередумот, а сега ги нема. Дали па можеби тие тогаш очекуваа европска перспектива, па во меѓувреме видоа со каков тип на политички измамници имаме работа па сега во првиот круг не дадоа поддршка. Имаме начин ние како да провериме дали тие луѓе биле тогаш во државата, дали навистина гласале. Имаме интегрирано гранично управување. И ВМРО-ДПМНЕ и јас лично ќе инсистирам до целосно расветлување затоа што мора тие луѓе, вклучително и избирачките одбори, да сносат одговорност за тоа што го дозволиле. Затоа што се додека ние немаме кривична одговорност тоа е пример за останатите затоа што мислат дека со полнење на кутиите и т.н. брзи прсти можат да ја манипулираат демократијата. Не. Тоа е недозволиво. Тоа не се европски вредности. И ние мораме да сториме се што е во наша моќ да ја заштитиме демократијата. Јас лично, до последно, додека сум во можност, ќе се борам сторителите на тој немил настан и за време на референдумот, но и за овие брзи прсти во првиот круг од претседателските избори да бидат изведени пред лицето на правдата. Мора да бидат санкционирани. Без да има одговорност ние не можеме да идеме напред. Во оваа држава често пати во минатото се правени политички компромиси и затоа денеска ни се случуваат вакви ладни тушеви како што ни се случи во Берлин. Ние мора да го воведеме механизмот одговорност. Мора сторителите на тоа кривично дело да бидат извадени пред лицето на правдата. Нема оправдување – било геостратешки интерес, било вака, ни замижаа тие, ни замижаа овие. Не. Тој што се огрешил пред законот мора да одговара, па макар се викал и Христијан Мицкоски.

Помина првиот круг, пред нас е вториот круг. Професорката Гордана Силјановска Давкова, која е кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ освои доста гласови. Онаа мапа која ја гледавме на страницата на ДИК на локалните избори беше обоена сино, сега поцрвене. Какви се вашите очекувања сега во вториот круг?

Очекувам голема победа, очекувам многу голема победа. Особено овие активности што ги имам помеѓу двата круга, оние средби со нашите граѓани, онаа енергија што ја добивам, чувствувам дека на народот, како што ние политичарите популарно велиме, му пукна бетонот. Тоа значи дека дојде денот кога сето она што народот го трпеше и сето она што гледаше дека е неправда во Република Македонија одлучи да си ја земе работатата во свои раце, со пенкалото во рака да гласа за онаа опција која навистина ќе понуди правда и правдина во Македонија. И од тие причини јас сум убеден дека во вториот и последен круг, кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова ќе победи.

Гордана Силјановска Давкова е претседателскиот кандидат поддржан од ВМРО-ДПМНЕ на која што лидер е Христијан Мицкоски. Но најспоменувано име во оваа кампања е Никола Груевски, и во говорите на Зоран Заев и Стево Пендаровски, и како прашање во интервјуата што ги имавте. Колку и одмогна или помогна тоа на Силјановска?

Тоа се политичари кои во отсуство на реална понуда, реална програма, се обидуваат мене, професорката Гордана да не поврзат на некој начин на кој што они мислат дека го симболизира лошото минато во Република Македонија поврзано со името на Никола Груевски. И јас ги охрабрувам, слободно нека продолжат со таа стратегија. Резултатот од таа стратегија ќе го видат на 5 мај, а потоа и на предвремените парламентарни избори. Затоа што народот може еднаш со лаги и манипулација да го добиете, вториот пат е таа последна шанса што ви ја даваат. Но третиот пат ќе ја добиете онаа огромна казна што ви ја даваат, не само затоа што сте го излажале во првиот и вториот круг, туку и затоа што не ве бива и не знаете како да го добиете народот. Народот може да го добиете со работа, со дела и тоа што ќе го ветите треба и да го испорачате. Во случајот на 5 мај народот гласно ќе зборува со пенкалото во рака и ќе го заокружи бројот пред името на новиот претседател на Република Македонија, Гордана Силјановска Давкова.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.