Прославата на Св.Сава, националниот празник и на Србите во Македонија, и честитката на премиерот Зоран Заев уште еднаш ги разгоре страстите во меѓусебните македонско-бугарски односи. А, реакциите, поттикнати од ситни дневно-политички интереси, стигнаа до степен на апсурдност, при што се губат сите етнички, идеолошки и било какви други определби, анализира „Пресинг ТВ“

Во стилот на џубокс-премиер, секому да каже тоа што сака да го слушне, честитајќи им го на фејсбук Свети Сава на припадниците на српската заедница, Заев најави враќање на српскиот јазик како изборен предмет во училиштата во Македонија.

-Одиме и чекор понатаму и ги враќаме наставните програми за изучување на српскиот јазик и култура за што се одобрени наставните програми од трето до шесто одделение, а во постапка на одобрување се наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение, за разлика од времето кога ВМРО-ДПМНЕ во 2007 година ја укина можноста српскиот јазик да се изучува како изборен предмет, напиша премиерот Заев, а истовремено најави и изградба на Српски културен центар во Скопје и на Македонски културен центар во Белград.

И во ваквиот кокетирачки дневно-политички пост на Заев има контрадикторности, што не кореспондираат со реалноста. Дотолку повеќе, ако тој се поврзе со настапите и изјавите на негови сопартијци и коалициони партнери во власта, на пример, Дарко Каевски и Стојанче Ангелов, а врв на тоа е интервјуто за БГНЕС.

Зашто, Заев за Каевски е новиот Тито, за Ангелов, пак, Гоце Делчев, а за „северномакедонските“, па и за Бугарите во целина двајцата-Тито и Делчев-ни случајно не можат да одат заедно со оглед на нивните идеолошки, но и национални заложби! Во контроверзното интервју за БГНЕС, пак, Заев изјави дека југословенските политичари, што ќе рече и Тито, биле основната причина за лошите македонско-бугарски односи. Споменувањето на „југословенски“ по ди-фолт за Бугарите значи просрпски и, според тоа, антибугарски настроени политичари. Токму затоа припадниците на владејачкиот СДСМ се најдоа во ситуација да се чувствуваат како гуски во магла и во онос на Тито, и во однос на ослободителите на Скопје и Куманово, и во однос на антифашизмот.

Оттука, паѓа во вода и обвинувањето на Заев на сметка на ВМРО-ДПМНЕ дека ја укинала можноста за изучувањето на српскиот јазик како изборен предмет. Зашто, токму ВМРО-ДПМНЕ ја носеше етикетата на просрпска, со тоа и на проруска, и конечно антибугарска  партија. И не случајно и СДСМ и „северномакедонските“ Бугари ја етикетираа како ВМРО-ДПМНЕ-Краљево. Сега, со постот на Заев, излегува дека СДСМ го презема тој „епитет“.

Честитката на Заев, учењето по избор на српски јазик и најавата за отворање културни центри во Скопје и Белград беа причина да го предизвикаат бугарскиот евро-пратеник од редовите на владејачкиот ГЕРБ, Андреј Ковачев. Со нескриена доза на иронија, тој на неговиот ФБ профил прво го запраша Заев „дали таква би била и честитката до Бугарите во Македонија по повод бугарскиот празник“, а потоа напиша претпоставена нејзина содржина:

-Денес граѓаните на бугарската заедница го слават празникот Националниот ден на Бугарите во Република Македонија, кој се слави на денот посветен на еден од најсветлите и најсветите луѓе во историјата на бугарскиот народ-Гоце Делчев. Со честитки до сите бугарски граѓани во нашата земја, ние се придружуваме на одбележувањето на празникот, што е дел од нашата традиција да ги почитуваме различните културни карактеристики во заедничкиот напор за градење просперитетна иднина на сите граѓани. Ги охрабруваме традиционално добрите односи со Република Бугарија и во оваа насока во Општина Центар се завршени сите претходни постапки за изградба на Бугарски културен центар. Одиме чекор понатаму и ги враќаме наставните програми за изучување на бугарскиот јазик и култура за кои веќе се одобрени наставните програми од трето до шесто одделение, додека наставните програми за седмо, осмо и деветто одделение се во фаза на одобрување-за разлика од времето кога Југословенската комунистичка партија на Тито ги укина во 1944 година. Ги отстрануваме од учебниците сите пасуси во кои Бугарите и Бугарија се прикажани како Татари-Монголи, окупатори, фашисти и непријатели на Македонците. Ние го потврдуваме бугарскиот историски идентитет на сите преродбеници и револуционери, кои се декларираа како Бугари, и го нарекоа нивниот јазик-бугарски. Ние ги споделуваме нивните борби, жртви, достигнувања и наследство како дел од заедничката историја на бугарскиот и македонскиот јазик. Испраќам најтопли честитки по повод Националниот ден на Бугарите во Република Македонија и нека бидат вечни името и славата на Гоце Делчев под чија духовна заштита се слави овој ден.

И овој излив на духовитост на Ковачев во однос на пропустите и апсурдите  речиси во ништо не се разликува од статусот на Заев. Прво, од кога тоа „северномакедонските“ Бугари како национален ден го слават Гоце Делчев? Второ, кој е тој ден-денот на раѓањето или денот на погибијата? Трето, Македонија и Бугарија веќе имаат културни центри во Софија и Скопје, па споредбата е излишна. Четврто, апсурдно е да се помисли, а камо ли да се бара враќање на бугарската образовна програма од времето на окупацијата. Петто, ако постои „заедничка историја“ на бугарскиот и македонскиот јазик, тогаш зошто сега се негира тој македонски јазик? Шесто, а кога веќе се негира македонскиот јазик, тогаш на кој јазик учат сега „северномакедонските“ Бугари? Седмо, зошто Ковачев бега од историската вистина за бугарскиот фашизам и окупаторската улога во Македонија? Осмо, во што тој се разликува од Каракачанов кога „заедничката историја“ ја сведува само на чисто бугарска историја? Девето, зошто не се запраша на што се должи и честитката, и прославата, и учењето по избор на српски јазик, па ако сака и блискоста со српската заедница во Македонија и Република Србија, воопшто? Десето, дали искрено мисли дека наметнувајќи им со сила на Македонците своја, бугарска историја, целосно негирајќи ги и ставајќи им вето на европскиот пат, тие некогаш ќе помислат да имаат ист однос и чувства кон Бугарите како што имаат кон Србите?

Ова се прашања, што произлегуваат од само едно читање на постот на Ковачев, на кои прво самиот тој треба да си најде и даде соодветни одговори, па дури потоа да иронизира и провоцира.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.