Премиерот Зоран Заев вели дека таканаречената операција „метла“ се однесува на луѓето кои, според него, покажале слабост, недоволна исполнителност, не ги реализирале очекувањата или демонстрирале ароганција и недостапност до граѓаните. Како што вели Заев во интервју за МКД, тоа се однесува на министри, директори на јавни институции, па и на третиот ешалон, на подрачните единици надолу.

Иако владејачкиот кандидат победи на претседателските избори, сепак, премиерот не е целосно задоволен од изборниот резултат.

-Ние не можеме да бидеме задоволни од резултатот, од самата излезност, мотивираност. Реков дека тука има и други аргументи, како што се ароганцијата, недостапноста, демонстрацијата на големини, а не рамноправност и еднаквост со граѓаните и обврска за служење на граѓаните. Ние сите постоиме заради нашите граѓани. Политичките партии постојат заради државата и заради народот, нема други причини. Затоа рековме, покрај тоа што ќе се случат промени во извршната власт, ќе се случат промени и во партиските организации и на локално и на централно ниво – рече Заев.

Тој додава дека сите функционери имаат право да кажат дека одлично си ја вршат работата, меѓутоа, порачува премиерот, од него граѓаните очекуваат да ги коригира неуспешните кадри.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.