Две донации се допишани во имотниот лист на премиерот Зоран Заев. Едната е во износ од 1.000.000 денари за помош за обнова на изгорениот дел од трговскиот центар „Глобал“ во Струмица, а другата е 770.000 денари за Министерството за здравство.

Владата во јануари им порача на државните институции, јавните претпријатија и на општините да му помогнат на Здружението „Обнова за Глобал“ за да се реконструира опожарениот дел од струмичкиот шопинг-центар, а Заев иако најави, не откри со колку лични средства ќе излезе во пресрет.

Република пишуваше за оваа „благородна, но тајна“ акција и повеќе можете да прочитате ТУКА.

Износот од донацијата за Министерството за здравство е делот на премиерот од Хесенската мировна награда, која ја доби со поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас, во висина од 12.500 евра, и истата ја уплати на крајот на февруари во Солидарниот фонд за справување со ковид-19.

За ова министерот за здравство Венко Филипче преку својот Фејсбук профил јавно му упати благодарност на Заев. Инаку од владината алатка на која може да се види кој колку донирал во солидарниот фонд, има податоци само до јули 2020 година, а до тогаш физичките лица во финансискиот дел вкупно донирале 25,5 милиони денари.

Во екот на пандемијата наместо да набави возила како премиер, Заев лично донираше и амбулантно возило за потребите на струмичката болница, откако директорот на болницата преку социјалните мрежи побара граѓаните да донираат пари за набавка на возило за транспорт на ковид-пациенти, но податоци за ова нема во анкетниот лист.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.