Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска е во посета на Кичево, каде се сретна со граѓаните од кичевската населба Ламели.

Оттаму, Мицкоски порача дека имаме тешко секојдневие, незнаење на власта и огромна неспособност.

Имаме неправда на секој чекор. Неправда е кога премиерот лажно ќе кажува дека е спасен идентитетот, а МАНУ која е еден од столбовите на државноста ќе го менува своето име, неправда е кога Заев ќе биде ослободен од поткуп, а недолжни граѓани ќе ги полнат затворите. Неправда е и кога власта ќе вети дека ќе има 500 евра просечна плата, а во реалноста има 500 илјади кои живеат во сиромаштија. Неправда е кога Заев ќе вети економија за сите, а во реалноста ги зголеми даноците. Неправда е и што илјадници млади луѓе ја напуштаат нашата земја, иако ветуваше иднина тука во земјата. Неправда е што ветуваа ефикасно здравство, а добивме здравство со кое умираат луѓе. Неправда се и криминалите, тарифите кои се испорачуваат во еден ресторан во источна Македонија како поткуп за тендери на власта, рече Мицкоски.

Мицкоски додаде дека власта сака да нè втурне во црно сценаријо на поделби, на неправди и прогон, а тоа нема да донесе иднина.

Во овие моменти се обединуваме и само така можеме да ја смениме иднината, да се избориме за подобро утре, за сонот за Македонија, за спас на државата од сигурна пропаст. Затоа да се избориме за правда, и владеење на правото. Да се избориме за Македонија!, порача Мицкоски.

Mицкоски се сретна и со кичевските пензионери.

Во Кичево Мицкоски оствари средба и со младите во Кичево.

Главниот проблем е иселувањето, власта е без план да ги сочува овие луѓе да си ја градат својата иднина на своите огништа. Жална е сликата кога младите говорат со песимизам за работите и главниот предизвик е како побрзо да заминат. Затоа мораме сега да ги смениме работите, да ги задржиме младите, заеднички да го градиме сонот за Македонија! Заеднички да ја градиме иднината за Кичево и Македонија, рече Мицкоски.

За Кичево, Mицкоски рече дека е град на домаќини луѓе со доста предизвици кои денес ги носи Заевизмот.

Доста е од нечеститоста на власта. Овие избори сега се клучен показател за тоа каква Македонија сакаме. Или ќе продолжи Заевизмот и криминалот и нечесноста која тој ја носи, или ќе се спротивставиме и ќе покажеме дека може поинаку, честито, одговорно и носејќи правда. Затоа ова е огромна шанса и можеби друга ваква прилика за ставање на работите на вистинскиот колосек можеби ќе нема. Ќе поминат години од сега и тогаш ќе си го поставите прашањето што направивме за нашата иднина. Одговорот на ова прашање се дава денес кога треба да се определите на овие претседателски избори. Ова е борба против неправдата, борба за честитоста и за иднината на нашата Македонија. Имаме план и знаеме како, и знаеме дека оваа власт не ја бива и нема да биде подобро. Затоа ќе ги смениме овие работи. Изборите се таа шанса за Македонија, им порача Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.