Оставката од општествената функција е личен чин. Ако бев јас на местото на пратеничката Фросина Ременски ќе се повлечев и ќе чекав да го докажам тоа и да се вратам на голема врата како херој, изјави премиерот Зоран Заев во интервју за ТВ 24.

Прашан зошто не побарал отставка од Ременски од пратеничката функција, Заев рече дека тоа е нејзино право и таа е директно избрана од граѓаните.

Таа така одлучила и јас тоа го почитувам и нејзино право е како ќе одлучи во врска со општествените функции. Во партијата барам за сите еднаков третман, зошто се работи образот на СДСМ. Не можете да ги користите луѓето како крпа. Верувам во презумцијата на невиност. Ја тргнав Ременски од партиските функции да не влијае на политиката. Таа е добредојдена да се врати во Централниот и Извршниот одбор на СДСМ штом се докаже нејзината невиност, изјави Заев.

Од истите причини, односно почитување на презумцијата на невиност, вели тој не се откажал од генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски и вицепремиерот Бујар Османи.

Посочи дека случајот „Рекет“ е констатиран како практична имплементација на реформите во правосудството, каде секој е еднаков пред законот и каде обвинител може да биде во притвор и тоа Европа го препознава.

Овој случај јас го пријавив. Не ме интересира кој ќе излезе. Овој случај за три месеци, почна истрага и заврши истрага. Каде се другите случаеви? За кои што крвавев и вадев бомби. Каде се да се реализираат. Ги предизвикувам и обвинителство и судство, треба да ги реализираат тие случаеви. Нека донесат пресуди, нема аргументи и докази – невини, има аргументи и докази – виновен. Ова ќе ја промени состојбата во државата, ако секој носи одлука таму каде што е платен, изјави Заев.

Тој рече дека нема нема индиции за вмешаност на други луѓе од владата во аферата „Рекет“, иако биле гости во телевизијата каде сопственик бил токму Боки 13.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.