Контраразузнавањето ќе се разведе од МВР, а тајната служба задолжена за тоа, УБК ќе го смени името и ќе се вика Агенција за национално разузнавање, објави денеска Телма. Со измените на законодавството, поголема улога добива и претседателот на владата. Тој според предлогот ќе го предлага директорот на новата УБК, а исто така ќе ја води и координацијата на националната разузнавачка заедница, во која ќе разменуваат информации сите три тајни служби, новата агенција, агенцијата за разузнавање и военото разузнавање.

Од владата сметаат дека реформите се по европски терк и ќе спречат злоупотреби на службата која секогаш беше посочувана како креатор на македонските политички кризи.

Агентите на тајната служба ќе останат и без полициски овластувања бидејќи досега и тие можеа да истражуваат случаи, да легитимираат граѓани, да употребуваат пендреци. Најголем дел од познатите истраги изведени помеѓу 2010-та и 2015-тата всушност ги водеа припадници на УБК, а не на јавната полиција, но сега веќе ќе ја немаат таа можност.

Од друга страна раководењето со контраразузнавањето, но и со целото разузнавање полека од Водно се сели на Илинденска преку новото тело за координација кое ќе го води премиерот.

Во Македонија постојат три тајни служби, УБК која во иднина ќе се прекрсти и ќе биде под владата, военото разузнавање кое е под одбрана и Агенцијата за разузнавање која е по претседателски ингеренции. А токму за тоа, министерството за правда отвори постапка за менување и на законот за агенција за разузнавање, наредните 9 месеци ќе се бара решение за надлежноста, раководењето и управувањето со таа агенција, без објаснување дали ќе се одземат ингернециите на претседателот на тоа поле, анализира телевизијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.