Премиерот во заминување Зоран Заев ја призна релацијата со бизнисменот Киро Тошевски, кој го обвини него и неговиот брат Вице Заев за притисоци и манипулации во интервју за „Алфа“. Но, како што Заев одговори на новинарското прашање за овој случај, тој само сакал му помогне, а брат му му рекол оти не бил заинтересиран за земјиштето, бидејќи не бил во тој бизнис.

Киро Тошевски е сопственик на фирмата БАНА под чија капа е објектот за кој, како што самиот вели, намерата била да заврши во рацете на Вице Заев, за што и поседува докази.

Од 2017 година кога веќе дојде на власт, сè што тој почна да прави врз мене се разни манипулации со други личности, поврзани за Заев и неговиот брат Вице Заев, раскажа Тошевски во сведоштвото за „Алфа“.

Но за само две години, работите стигнале до таму, што сега како што вели Тошевски, стравува дека ќе го изгуби имотот каде што е објектот. Станува збор за карабина, за која има платено комуналии за околу 12.700 метри квадратни, а нето површината е безмалку 10 илјади метри квадратни. Се наоѓа меѓу хотелот „Хилтон“ и факултетот ФОН.

Летото во 2017 Тошевски одлучува да го продаде објектот по цена од 4 милиони евра. Дури почнува и да разговара со потенцијални купци. Но, во еден момент добива повик од премиерот да не брза со продажбата, односно да ја чува локацијата како атрактивна за странските инвеститори

Ми кажа дека ми мисли добро, односно да се стрпам да бидам спокоен дека објектот и имотот ќе се продаде на вистински луѓе странски инвеститори, вели Тошевски.

Тогаш почнало сè. Прв директен понудувач бил сопственикот на луксузен хотел во Аеродром. Но, никогаш не се спогодиле за сумата. Сепак, уште тогаш, вели Тошевски, се насетувало кој стои зад понудата од лицето, но не сакал да верува во позадински намери.

На еден од состаноците пред да влезам во неговиот кабинет во холот имаше на две места по десет пакета ајвари и лутеница „Мамас“, зелени и црвени, објаснува бизнисменот.

Откако не успеал бизнисот со првиот, како што Тошевски го нарекува посредник, следувал втор.

Се појавува адвокатот Тумановски, доаѓа во моите канцеларии, не можам точно да се сетам еднаш или два пати, кратки средби. Ми покажа документи од мојот имот. Ми рече „ова го имаш, ти пишува дека имаш само земјиште под зграда, комплицирано ти е малце“. Му велам добро, кажете ми за кого е, кој е купувачот? „Добро“ ми рече, „знаете за кој човек е, да не зборуваме сега многу, се работи за Вице Заев, пратен сум од Вице Заев“, раскажува Тошевски.

„Алфа“ побара одговор од адвокатот Алксандар Тумановски, дали во името на братот на премиерот преговарал за купување на имотот. Не добивме демант, но ни потврда.

Како адвокат за одреден клиент кој бил заинтересиран за недвижноста сум направил проверка на цена и услови на ден 27.09.2017 година, по разгледување на можностите и потенцијалот на таа недвижност, клиентот покажа незаинтересираност за кое нешто во брз рок беше известено лицето Киро Тошевски, рече адвокатот Александар Тумановски.

„Алфа“ побара одговор и од бизнисменот Вице Заев, кој демантираше сè.

Со Киро Тошевски се имам видено можеби еднаш. Ниту некогаш сум сакал да го купам, ниту сум го барал неговиот имот. Секојдневно добивам различни понуди за градежни земјишта, од различни бизнисмени, нема логика да влегувам во нешто што не го сакам, уште повеќе да си правам било какви проблеми со државата злоупотребувајќи го името на мојот брат. Ги отфрлам сите лажни сведоштва на Тошевски како неточни. А ако има доказ дека комуницирал со мене директно нека го приложи истиот. Нема да дозволам да ми се оцрнува името од било кој, вели Вице Заев.

На ова Тошевски приложува порака, за која тврди дека е испратена од премиерот кога бизнисменот, како што вели му се пожалил на премиерот што прави брат му. Во пораката стои:

Штом верувате дека мојот брат ви направил нешто лошо, јас со него ќе се скарам и ќе му наредам да се тргне комплетно од што и да разговара со вас и што и да прави со вас комплетно да се тргне, стои во пораката што ни ја испрати Тошевски, скенирана од неговиот телефон.

Тошевски тврди дека премиерот му побарал писмо за намена или проектна документација за имотот со цел да ја дадел на заинтересирани инвеститори. Ја доставил, вели, во влада на 20.08.2018, преку неговиот адвокат, но не добил архивско бројче дека предал документ. Заради ова како што тврди, се јавил кај шефицата на кабинет на премиерот да провери дали писмото е стигнато во рацете на Заев. Таа му потврдила.

„Алфа“ испрати официјално писмо со прашања до пи-ар кабинетот на премиерот – дали сè ова е точно и дали сè од досега кажаното од Тошевски би можел да го демантира, но досега одговори нема до телевизијата.

По извесен период, на вратата на Тошевски тропнале нови купци. Но, се изненадил кога ги видел истите своите документи, односно оние кои ги доставил во влада на барање на премиерот.

Третиот посредник, Азманов. Истата приказна, истиот настап. Азманов веќе ги отвара картите со мене. Ми кажува конкретно дека позади овој проект стои болница, СДСМ-овска болница, „да се правиме будали, знаеш дека позади ова стои Вице, а ти затоа што си попуштил во цената ќе бидеш довека лекуван кај нас“. Потоа веќе преземаат докторите, едниот е познат гинеколог, тој е директен актер или спотер меѓу Заев и Азманов, но и еден од круцијалните играчи за да успее овој проект – Марјан Стојовски. А, другиот доктор е Влатко Цветановски, раскажува Тошевски.

Како доказ за тоа ги приложува пораките на кои, според Тошевски, се гледа дека премиерот во заминување Заев му посакува среќа кога овој го известува оти се договориле Азманов да го купи имотот за сума од 3.700.000.

Тогаш се случува главниот расплет на нештата. Тошевски обвинува дека му биле нудени позајмици, а потоа и компензации за станови од Азманов. За на крајот да, како што вели Тошевски, го извести дека не е заинтересиран за купување. Тошевски не го обвинува Азманов, туку го смета за извршител.

Во пред договорите кои службите на Азманов ги изготвија, стоеја само три стана за компензација. За едно десеттина дена вели најди сега 5 купци да не бидат само на фирмата твоја, да бидат физички лица, сигурни луѓе твои, вели ќе ти пуштам 900.000 евра позајмица. Потоа отидовме на нотар да направиме договор дека сега наводно ми дава позајмица, со цврсто убедување дека истите пари ќе ги пишеме само фиктивно, ми вели Азманов, 2 проценти годишна камата. Всушност тука е измамата. Ми вели „но и тие нема да ти ги пресметам, од причина што до март месец се ќе направам папиролошки да биде чисто како што бевме договорени 3 700 000 евра“. Азманов бил притиснат од некој, мислам дека од власта, објаснува Тошевски.

Градежниот бизнисмен за „Алфа“ демантираше дека тој, односно неговата „Настел“ има било каква врска со наводни планови на Заеви.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.