По лидерската средба вечерва премиерот Зоран Заев во изјава за медиумите пред заминувањето на средбата со коалициските лидери ја повтори изјава на претседателот Стево Пендровски дека Македонија нема друга цел одвен евроатлантските интеграции и дека лидерите се согласиле дека нема да прифатат  замена за евроатлантските интеграции.

Утврдивме едногласен став евроатлантските интеграции се конечна наша цел, остануваме сите посветени на евроатлантските интеграции, не прифаќаме никаков вид на замена за евроатлантските интеграции заради тоа што граѓаните тоа што го очекуваат од нас европските вредности да ги донесеме овде, да ги  живееме сите и остануваат како аспирации да го разубедиме Брисел дека процесот на проширување може да претрпи одредени модификации во делот на она што беше дискутирано како методологија на пристапните преговори или слично. Но, ние очекуваме полноправно членство во Европската унија, односно веќе на следната можност, кога ќе се собере Европскиот совет да донесе одлука секако за  добивање на почеток на преговорите на Република Северна Македонија со Европската унија.

Тој информира дека е договорено предвремените парламентарни избори да се оддржат на 12 април идната година. Предлогот го прифатиле сите партиски лидери. Заев информираше дека првично неговиот предлог бил изборите да се оддржат на 22 и 29 декември, но тоа не било прифатено.

Нашиот предлог беше 22 или 29 декември да одиме веднаш на избори, заради тоа што на тој начин брзо, во еден период кога не се случува нешто драматично би можеле да го завршиме избирачкиот процес. Народот да си ја каже својата определба, по кој пат се движи државата, а притоа да очекуваме Шпанија во декември или јануари да направи Ратификација на Протоколот од НАТО, а ние да имаме веќе функционален Парламент, којшто на крајот откако ќе ратификуваат сите 29 земји-членки. Имаше реакции од присутните. Најголемата опозициска партија коментираше дека во таков случај нема 100 дена влада, дека би требало да се разгледаат и други опции и потоа ги разгледавме опциите 22, 29 март, 12, 19 април. Утврдивме дека 12 април е важен, заради тоа што на пример, православен Велигден е на 19 април, тогаш почнуваат и постите за нашите сограѓани од муслиманска вероисповед. Постигнавме консензус, сите сме согласни, на 12 април.

Покрај тоа, премиерот изјави дека 100 дена пред датумот за вонредни парламентарни избори државата ќе има техничка влада, односно од 3 јануари, а пописот може да се заврши по изборите.

Заев беше оптимист дека има време да се направи реформа на изборниот модел, но тој рече дека не верува оти ревидирање ќе се случи пред овие избори.

Овој датум ни определува можност да разговараме за изборниот модел. Како претседател на најголемата политичка партија во државата останувам на ставот дека државата треба да прави исчекор кон демократизација на процесот. За СДСМ е прифатливо една изборна единица и отворени листи. Сакам да ги слушам помалите политички партии затоа што многу често поголемите партии се собираме и не е чесно само ние да одлучуваме. Имав состанок со нив и тие се за една изборна единица. Верувам дека државата ќе смогне сили да направи исчекор кон поголема демократизација преку избирачкиот процес, односно Изборниот модел за да го зајакнеме плурализмот во државата преку Парламентот, изјави Заев.

Во однос на пописот, кој треба да се одржи следната година, Заев рече дека неговиот став е тој да се спроведе следната година по изборите, а доколку Државниот завод за статистика е подготвен, тогаш да се спроведе и пред изборите.

Важно е ден поскоро да го имаме пописот, рече Заев.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.