Премиерот Зоран Заев денеска повтори дека нема потреба од нов договор со Бугарија бидејќи постоечкиот е одличен. Појаснувајќи ја својата неодамнешна изјава дека за решавање на проблемот со Бугарија постојат соодветни алатки и начини како што се јавна изјава, декларација, анекс на договор и слично, Заев рече дека во неа треба да биде наведено дека името Република Северна Македонија се однесува на територијата на нашата држава и дека немаме територијални претензии кон никого.

Нема потреба од нов договор. И ние се согласуваме, и Бугарија се согласува. Имаме одличен договор којшто треба да продолжиме да го реализираме. Едниот дел е тоа што Комисијата го работи. Веќе има решено историски ликови и историски периоди. Другиот дел е тој што треба да го зацврстиме во делот на пријателството, добрососедството и соработката со Бугарија и немаме проблем со усна изјава, писмена декларација и слично како што тоа го прифаќа и меѓународната дипломатија, а тоа е дека Република Северна Македонија, долгото име на државата, и Северна Македонија, краткото уставно име на државата, се однесува на територијата на нашата земја Република Северна Македонија и никако поинаку и дека немаме територијални претензии кон никој од соседите и кон било кој во светот, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по конгресот на СДСМ.

Нагласи дека немешањето во внатрешните работи на соседните држави, вклучително и на Бугарија, е принцип во којшто верува и оти како држава сме подготвени да преземеме обврска за интензивирање на изградба на Коридорот 8 и за зајакнување на економската соработка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.