Премиерот Зоран Заев изрази уверување дека ќе добие целосна поддршка од пратениците за уставните амандамни и дека процесот за смена на Уставот и името на државата во Северна Македонија ќе се заокружи околу средината на јануари 2019 година.

Тој вели дека има доверба и во грчкиот министер за одбрана Панос Каменос, кој отворено кажува дека е противник на договорот со Грција што летоска беше попишан во Преспа.

Треба да појасниме на сите, да знаат дека не излегоа мечки во амандманите, нема ништо скриено, дебатите се тие. Чесен пристап на имплементација на Договорот од Преспа. Видовте дека имаме инклузивен процес и од албанската заедница. Ја вклучивме целата дијаспора, го зајакнавме македонскиот идентитет. Верувам дека пратениците тоа ќе го поддржат, зашто тие го предлагаа, а претходниот пат не гласаа во Парламентот, истакна Заев, одговорајќи вчера на новинарски прашања по националната конференција за децентрализација.

Во врска со најавената оставка на Панос Каменос кога уставните амандмани ќе се изгласаат во македонското собрание, Заев рече дека има доверба во грчкиот премиер Алескис Ципрас, во грчката Влада, вклучувајќи ја опозицијата, како и во грчкиот народ.

Имам доверба и во Каменос, кој е исто така дел од Владата. Треба да дадат шанса на еден ваков историски договор зашто договорот е добар за двете земји, за двата народа. Верувам дека бенефитите ќе се видат во следните месеци од неговата имплементација. Јас сум убеден дека довербата што ја имам во Алексис Ципрас ќе биде имплементирана во Парламентот како што јас се трудам довербата што Ципрас ја има во мене и кон македонската Влада да биде имплементирана во Собранието. Сериозен и суштествен е процесот кај нас. Ниту јас како упатен човек не можам да гарантирам дека ќе успее македонскиот Парламент, но тоа што можеме да го направиме, го правиме и ќе продолжиме да го правиме, е максимлано инклузивен процес што успешно ќе заврши кон средината на јануари. На 9. јануари е закажана пленарната седница, а за не повеќе од 10 дена, околу средината на јануари, верувам дека ќе успееме да ги изгласаме конечните амандамни, потенцира премиерот Заев.

Во однос на Договорот од Преспа, портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос во пресрет на вчерашниот говор на Алексис Ципрас во Солун изјави дека со уставните измени постои целосно почитување на договореното. Истакна дека треба да се инсистира на фактот дека “реално е голема историска шанса за да се реши, можеби последното, големо идентитетско прашање на Балканот”, но и дека според него, со стапувањето во сила, договорот ќе доведе до нова ера во регионот.

Од измените на Уставот што се во тек во Поранешната Југословенска Република Македонија произлегува дека постои целосно почитување на Договорот од Преспа кој конечно, ги решава прашањата поврзани со иредентизмот и можните прашања што ќе можеа да произлезат ако не стигневме до заемно прифатлив и правно обврзувачки договор, коментира Ѕанакопулос.

Во меѓувреме, грчката партија Река на вчерашниот состанок на политичкиот совет и на парламентарната група, во врска со Договорот од Преспа, го потврдила ставот дека тие поддржуваат решение, но ги очекуваат точните формулации на уставните амандмани што ќе се гласаат во Собранието, „каде што ќе се покаже степенот на адаптација на новата реалност од страна на соседите”.

Како што јави МИА од Атина, лидерот на Река, Ставрос Теодоракис рекол дека набргу Грците ќе бидат повикани да донесат важна одлука што нема да биде лесна.

Нашата одлука треба да биде поврзана со патриотскиот интерес, а не со поединечни партиски интереси. Безбедноста, стабилноста, развојот на регионот се нераскинливо поврзани со европската перспектива на Балканот и ова е компасот за одлуките на Река, рече Теодоракис на состанокот на политичкиот совет и на парламентарната група на партијата.

Државниот секретар на САД Мајк Помпео по средбата со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос во Вашингтон, изјави дека влезот на Македонија во НАТО ќе ја засили способноста на балканските земји да се спротивстават на „недобронамерните активности“ на Русија во регионот.

Во јуни беше потпишан договорот кој ќе има позитивно економско влијание и ќе и помогне на Грција да стане „Врата на Балканот“. Тој договор ќе му помогне на вашиот сосед да се присоедини кон НАТО и ЕУ како Република Северна Македонија, како и да го зајакне Балканот против штетното руско влијание, вели Помпео.

Катругалос, пак, ја повторил решеноста на Владата на Ципрас да го спроведе Договорот од Преспа, кој како што вели, ќе има заемна корист за Атина и Скопје, како и да продолжи во решавањето и на другите отворени регионални проблеми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.