Сите обврски што ги презел со Договорот за добрососедство со Бугарија и со Преспанскиот договор со Грција ќе ги реализира во целост штом ќе биде во можност да формира влада предводена од СДСМ. Ова е едно од ветувањата на Зоран Заев во писмото кое деновиве го испратил до европратеници и до други западни дипломати, а за кое објави „Плусинфо“ повикувајќи се на дипломатски извори.

Лидерот на СДСМ наводно ги објаснил своите лични позиции и позициите на неговата партија во врска со претстојните парламентарни избори во Македонија во четири точки.

Доколку потребата од итни предвремени избори се оправдува со реализација на двата договора, големо прашање е што значи зборот „целосна“ и зошто воопшто реализацијата на двата договора се поврзува со условот да биде формирана влада предводена од СДСМ. Дали тоа значи дека на меѓународната заедница ѝ се сугерира заклучок дека некоја друга влада во Македонија нема да ги исполни преземените обврски од меѓудржавните договори?, вели изворот на „Плусинфо“.

Според изворите на порталот, во друга точка од својата депеша, Заев нагласил дека очекува „изборите да бидат прогласени за чисти“. Тоа, во принцип, не би било невообичаено барање, коментира изворот, доколку изборите не се одржуваат предвремено и според Пржинскиот модел, во време на пандемија и во земја која се смета за хибриден режим, поради што е потребен засилен мониторинг на изборниот процес.

Во третата точка од комуникацијата на Заев се тврдело дека „лидерот на опозицијата е реална закана за иднината на државата и треба да се изолира и изнајде супститут во партијата”.

Во последната точка од ова писмо, наводно, Заев укажал на порастот на рејтингот на неговата партија поради коронакризата и поради сетот на владините мерки, поради што сега било вистинскиот момент за избори и за приближување до целта да формира влада.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.