Заев и Власта во заминување панично шират лажни вести, баш како што го “личи” еден хибриден режим, пишува на својот профил на Фејсбук Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ.

Вчера осамна вест дека Наќе Чулев си поднел оставка, ама Наќе не знаел за тоа. Веднаш потоа се излезе со втора лажна вест преку друго “гласило” на Бихачка, овојпат надградена и проширена дека оставки депонирале сите членови на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада, пишува Јанушев.

Јанушев прашува што станува со реакцијата на владата, која донесе стратегија за борба против лажните вести.

Очекувано штама, немаше никаква реакција ниту од најпознатиот средношколец советник за медиуми во владата, ниту од министерот за пропаганда кој верувам има поголеми проблеми со пајажината која сам си ја сплете со авторските права, отколку со лажните вести кои ги пуштаат неговите кругови.

Еснафските здруженија молчат затоа што жртвата не е СДСМ, па да реагираат. И сега нема да се занимаваам со оние кои ја убиваат вистината, туку со причините зошто тоа го прават.

СДСМ шират лажни вести за да се молчи за Рекет, да не се зборува за пакетот мерки на ВМРО-ДПМНЕ и да се сокрие бруката со фијаското на маршот со Заев.

Шират лажни вести за да не се одговори што барал Зоран Заев на тајна средба со Катица Јанева, и Вице Заев на средба со Зоран Милевски Кичеец.

Шират лажни вести за да отргнат внимание од пакетот мерки за инвестициски инфраструктурен бум кој го вети ВМРО-ДПМНЕ и градбата на нов автопат за Битола, обнова на 1000 км регионални патишта и 2 милијарди евра во нови патишта, пишува Јанушев.

Според генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ се шиат лажни вести за да се сокрие срамот со маршот каде што се собраа едвај две до три илјади симпатизери и дел администрација донесена под уцена, каде во траорна атмосфера говореше лидерот на неправдите Зоран Заев.

Ова беше прозирен обид за одвлекување на вниманието. Губитнички. Или со други зборови, што викаше Димитрија во Диво месо од Горан Стефановски “Солзи немам да ве исплачам колку сте за тажење!” Напиша на својот Фејсбук профил генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.