Премиерот Зоран Заев, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите Станка Трајкова, се обратија на Денот на пензионерите, 20 септември, на свечена седница по повод јубилејот 75 години од основањето на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.
Заев им ја честиташе годишнината на членовите на Сојузот, која се поклопува со 30-годишнината од независноста на Република Македонија и им посака уште долги години посветено и успешно спроведување на нивната благородна мисија.
Седумдесетипетгодишнината од основањето на Сојузот на здруженијата на пензионерите се поклопува и со јубилејот 30 години самостојност и нѐ потсетува на она што никако не смееме да го заборавиме – дека токму оваа генерација граѓани на свои плеќи понесе најголем товар во времето кога државата работеше на консолидирање на економијата. Свесни сме дека личниот влог на секој од вас е огромен и должни сме да ви изразиме неизмерна почит и благодарност – изјави Заев.
Тој нагласи дека пензискиот фонд е стабилен, со што пензиите ќе течат редовно и ќе растат согласно законот што на оваа група граѓани ќе им гарантира сигурна егзистенција за време на пензионерски денови.
Заев изјави и дека Владата заедно со Министерството за труд и социјална политика презеле и низа конкретни активности во насока на подобрување на социјалните сервиси за заштита и помош на пензионерите, како што се зголемените капацитети за сместувања на возрасни лица и пензионери, социјалните сервиси посета и грижа на пензионерите и повеќе дневни центри и пензионерски домови за што се потпишани договори со 19 општини во државата.
Министерката Шахпаска на присутните им го честиташе јубилејот и им се заблагодари на посветеноста и на ентузијазмот со кој во текот на својот работен век ја граделе нашата држава.
Таа истакна дека пензискиот фонд и покрај економската и здравствена криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19, е во стабилна состојба, а пензиите, како и досега, ќе продолжат со тековна, редовна и навремена исплата.
Од минатата година овозможивме исплатата на пензиите да тече предвреме, во четири групи, во зависност од висината на пензијата. Со тоа ја заштитивме најранливата група на наши граѓани од изложеност на Ковид-19 и не дозволивме групирање при подигнувањето на пензиите. Нашата порака е јасна, создаваме систем, според кој пензионерите ќе имаат сигурност, извесност и покачувањето на нивните пензии нема да зависи од нечија политичка волја или од тоа дали ќе има избори – изјави Шахпаска.
Таа информираше дека со Законот за социјална сигурност за старите лица на возрасните лица кои не се корисници на пензија и други социјални услуги, им е обезбеден месечен надоместок од 6.000 денари и дополнително додаток од 1.000 денари, заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството.
Ја воведовме услугата, помош и нега на стари лица во домот која се спроведува во домашни услови. Негуватели им помагаат на старите лица во секојдневните активности, облекување, хранење, набавка на лекови и прехранбени производи, прошетки во околината. Оваа услуга ќе ја спроведуваат 300 негуватели, а ќе бидат опфатени 900 пензионери во целата држава – изјави Шахпаска.
Претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите, Станка Трајкова, изјави дека во својот развој оваа пензионерска асоцијација прераснала во најмасовна најактивна и невладина мултиетничка организација.
Денес во нашата држава има 324.066 корисници на пензија кои својата материјална егзистенција ја обезбедуваат во реформиран пензиски систем. Просечната пензија изнесува 15.854 денари и нејзиното учество во однос на просечната плата изнесува 55,2% – истакна Трајкова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.