Фотографии од плажа на кои се премиерот Зоран Заев и министерот за правда Бојан Маричиќ утрово се проширија по македонските социјални мрежи побрзо и од огнената стихија која со денови ја голта цела Македонија.


Фотографии од плажа на „Инстаграм“ споделува и неговата ќерка, Александра Заева, а како што најави самиот Заев, годинава ќе одмарал заедно со семејството.

„Секој човек има право на одмор“, ќе рече мудро премиерот, но јавноста е бесна што неговиот одмор е токму сега, во една од најголемите катастрофи која ја зафати земјата по пандемијата, а неговата влада само што прогласи нова кризна состојба на целата територија. Бесни се и што Заев редовно одмара во кризни периоди, како што направи и лани ова време, после парламентарните избори кои ги туркаше за време на пандемија зошто биле „итни“ и „многу потребни“, за после нив да го снема со недели.

„Република“ уште вчеравечер побара одговори од портпаролот на Владата за тоа дали се вистинити гласините дека Заев користи годишен одмор и каде се наоѓа. Одговори засега нема.

Покрај фотографиите на кои се гледаат и премиерот и Маричиќ, на социјалните мрежи се шират гласини дека во овие кризни моменти на одмор се и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, скопскиот градоначалник Петре Шилегов и командирот на скопската противпожарна бригада Владимир Симоновски.

Македонија се соочува со катастрофа, загрозени се села и градови, горат илјадници хектари шуми, загрозени се животи и имоти на граѓаните, а Заев и министрите се на одмор!

Оваа власт на Заев е ненародна, но ова веќе е бесрамно. Граѓаните се оставени сами да се борат со огнените стихии, додека половина влада вклучително и Заев уживаат на плажа.

Три дена нема трага и глас од Зоран Заев. Неговата власт е одговорна што две години скапуваат во хангари авионите за гаснење на пожар без сервис. Неговата власт е виновна што надлежните институции не реагираа навреме пред пожарите да ескалираат.

Се трошат пари за мебел, службени возила, повисоки хонорари и партиски вработувања, наместо да се обнови и зајакне капацитетот кој треба да ги штити граѓаните од пожари.

Веќе никој не бара одговори од Заев, веќе од Заев и оваа власт се бара одговорност!, реагираа утрово од ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.