Претседателот на Парламент на германската покраина Хесен, Борис Рајн, на специјална церемонија им ја додели „Хесенската наградата за мир“ за 2020 на премиерот Зоран Заев и на поранешниот премиер на Грција, Алексис Ципрас. Поради пандемијата на Ковид-19, оваа награда на Фондацијата „Алберт Освалд“ годинава првпат беше доделена на онлајн церемонија.

Како што соопшти владината Прес-служба, премиерот Зоран Заев својот дел од наградата во висина од 25.000 евра го донира во солидарниот Фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот Ковид-19

Со Хесенската награда за мир, ние им оддаваме чест на две лица кои водеа кампања за мир и меѓународно разбирање и кои успеаја да решат конфликт што влече корени длабоко во историјата – изјави Рајн во обраќањето на церемонијата.

Тој нагласи дека Заев и Ципрас постигнале договор за повеќедеценискиот конфликт меѓу нивните земји околу името „Македонија“, со што оствариле „вистински дипломатски подвиг што никој досега не го сторил“.

Без нив, спорот за името што трае од осамостојувањето на Македонија во 1991 година ќе продолжеше да тлее и спорот меѓу двете соседни земји ќе продолжеше да го дестабилизира целиот балкански регион. Скоро триесетгодишниот спор за името меѓу Република Македонија и Грција беше мирно решен на 12 февруари 2019 година со договор. Пронајден е компромис, во иднина името на новосоздадената држава во 1991 година да биде „Република Македонија“. За прв пат започна период на добрососедски односи и се отвори патот за Македонија како сојузник во НАТО и партнер во Европската Унија – изјави Рајн.

Тој нагласи дека успехот постигнат со склучувањето на Преспанскиот договор имал влијание и надвор од регионот и испратил сигнал до светот дека не постои само правото на најсилниот и дека дури и во денешниот свет се уште постои патот на почит и компромис, патот на мирот и стабилноста.

Членот на одборот за доделување на наградата, професорот Никол Дајтелхоф нагласи дека Заев и Ципрас отстапиле од моделот на инсистирање на максимални позиции и сфаќањето на договорот како пораз или предавство.

Притоа, тие ја загрозија нивната политичка кариера и мораа да преговараат за бројни компромиси и отстапки во рамките на нивните парламенти. Договорот е поврзан со надеж за добра соработка и партнерство меѓу Македонија и Грција. Решавањето на споровите е пример за помирување на регионот и Европа како целина – изјави Дајтелхоф.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.