Премеирот Зоран Заев смета дека Грците треба да кажат дали во Грција се зборува македонски јазик или не, а ние од невнимание можеме само да „предизвикаме незгодни ситуации“. Во интервју за МИА од Брисел Заев порача дека „ако го следиме духот на пријателството, многу лесно ќе се објаснуваме“. Прашањето се однесува на изјавите на Димитров и Бошњаковски дека во согласност членот 7 и духот на Преспанскиот договор македонскиот јазик кој го говорат граѓаните на Македонија и неговите дијалекти немаат никаква врска со идиомите што ги говорат грчките Македонци,  односно „некои во Грција зборуваат друг јазик“.

Договорот е јасен. И ако го следиме духот на пријателството многу лесно ќе се објаснуваме. Прво факт е дека нашиот јазик е македонскиот јазик, тоа е прифатено во договорот. Истовремено е факт дека е од групата словенски јазици. Научен, потврден факт. Исто така е јазик на сите граѓани кои живеат во Северна Македонија и во дијаспората. Но тоа е различно од хеленското културно наследство, со нивните традиции. Тоа е разграничено. И во духот на добрососедството, и градењето на пријателството, треба да имаме разбирање за вакви прашања. Токму тоа и министерот Димитров го објаснува, и на крајот реков – идентитетските прашања се лични, нешто што го носиме во градите, тоа никој не може да го смени, објаснува Заев.

Одговорот на прашањето дали е проблем да се каже дека во Грција се зборува македонски, Заев им го остава на Грците, зашто тие си имале „свој начин на поставување на работите, а ие ги почитуваме“. Исто така, премиерот предупредува дека наше е да внимаваме што зборуваме и да го имплементираме Преспанскиот договор.

Тоа е право на Грција, тоа треба тие да го коментираат. Со наше невнимание би можеле да предизвикаме незгодни ситуации поради тоа што имаме јасен и прецизен договор, што ние политичарите треба да веруваме во него и внимателно да го имплементираме, а после тоа и граѓаните на двете земји, така што оставам тоа Грција да си го коментира, тие си имаат свој начин на поставување на работите, ние ги почитуваме, тие се наш стратешки партнер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.