Ниту Владата, ниту пак премиерот Зоран Заев не даваат одговор дали еден од приведените во акцијата во која се запленети 200 килограми марихуана е возач на Трајче Заев, братучед на премиерот Зоран Заев. Иако втор ден ВМРО-ДПМНЕ прашува дали комбето во кое е откриена марихуаната е на фирма поврзана со Заеви, молк од премиерот. Молчи и неговата СДСМ. Никакво соопштение, никаква изјава за овој предмет. Тие и денеска со тврдење дека контактите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со еден од уапсените во акцијата „Двојник“ е мотивот тој да се обиде да ја саботира полициската операција, а за последната акција во која се вмешани командир на полициска станица, како и возач на братучедот на премиерот, молк. Исто како да не била спроведена. Нема ниту пофалба за МВР, како што досега сме научени да ги гледаме и да ги слушаме.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, вечерва го повтори прашањето дали комбето во кое е фатена марихуаната е на фирма поврзана со Трајче и со Бобан Заев.

„Уште ќе молчите или ќе одговорите? Кратко и јасно – да или не? Не боли одговорот, ама значи десетина години затвор“, напиша Арсовски на својот фејсбук профил.

Арсовски запраша дали комбето со грчки таблици, во кое е откриена дрогата, е навистина во сопственост на фирма која е партнер во битолската фирма за канабис „Медицал 420“, додека едно од возилата што го следеле комбето било управувано од возач на Трајче Заев. Владата без конкретен одговор.

„Владата очекува брза и темелна истрага од на надлежните инситуции, одговор на прашањата кои се од интерес на јавноста и неселективно постапување без разлика за кого станува збор. Доколку некој постапил незаконски мора да се соочи со одговорност. Во врска со сопственост на возила на приватни субјекти ве упатуваме за тоа да прашате во компаниите кои се предмет на интерес“, велат од владиниот кабинет.

Нема одговор ни од МВР дали дали комбето во кое е фатена марихуаната е на фирма поврзана со Трајче и со Бобан Заев. Но иницијалите кои ги објави МВР се совпаѓаат со оние кои беа објавени во медиумите. Иницијалите на возачот на Трајче Заев , Александар Ушлиновски, А.У. – 45 години од Скопје, ги има во листата на приведени.

При извршен претрес кај А.У.(45) од Скопје, во стан во Скопје пронајдено е поголемо количество оружје, муниција, гранати, барут и делови за оружје, за што ќе му биде поднесена и кривична пријава за кривично дело по член 396 од Кривичниот законик, соопштија од МВР.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.