Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев и претставникот од ДУИ и министер за економија Крешник Бектеши повикаа на двојна победа во Дебар. Порачаа граѓаните да го поддржат заедничкиот претседателски кандидат Стево Пендаровски и градоначалничкиот кандидат Хекуран Дука.

Се здруживме дома, донесовме важни одлуки, одржавме европски лекции, без калкулантство. Да си го задржиме народот, младите. Дојден сум да побарам поддршка да си го држиме единството, порача Заев, кој посочи дека Дебар отсекогаш бил пример за соживотот во нашата држава.

Тој повика на посебна внимателност за кого гласаат граѓаните бидејки гласот за Река, како што рече, е глас за Силјановска, а тоа води назад.

Јас го почитувам Блерим Река, но го фати национализмот на Зијадин Села и се здружи со Силјановска. Албанците не гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, затоа што од ВМРО-ДПМНЕ не ги сакаат, не ги гледаат рамноправно. Однапред прават математики како Села да му помогне на Мицковски. Затоа фрлање во кош е гласот за Река. Гласот за Река ја крева Силјановска. Нас ни треба да ечи гласот на нашиот народ. Затоа да гласаме за кандидатот за градоначалник Дука и за претседателскиот кандидат Пендаровски, повика Заев од Дебар.

И кандидатот за градоначалник Хекуран Дука и Бектеши повикаа на заедништво и продолжување напред.

Работиме на заеднички перспективи, без предрасуди, за перспективи на сите граѓани во нашата заедничка држава, за економски развој, за напред кон НАТО и ЕУ. Да го поддржиме градоначалничкиот кандидат Хекуран Дука и заедничкиот кандидат Стево Пендаровски, повика Бектеши.

Дука рече дека ќе биде еднаков за сите и додаде оти ќе ги поттикнува младите да работат заедно на развојот на Дебар. – Гласајте за мене и за консензуалниот кандидат за претседател Стево Пендаровски, повика Дука.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.