Лидерот на СДСМ Зоран Заев на социјалните мрежи објави дека ги прифаќа забелешките на дел од медиумите за изборот на зборови и начинот на комуникација со новинарите по конститутивната седница во законодавниот дом.

Добив реакции од различни страни од новинарската фела за изборот на зборови и начинот на комуникација со дел од новинарите во Собранието, после конститутивната седница. Ги прифаќам забелешките на ЗНМ и фелата и во размена на мислења со нив веќе укажав дека сите треба да се потрудиме за подобра комуникација во иднина и дека немам никаква намера да влијаам врз работата медиумите и новинарите.

Секој пред јавноста е одговорен за своите постапки, а сите имаме обврска секојдневно и здружено да работиме на оневозможување на ширењето на лажните вести, на запирање на клеветите, навредите и нападите врз која било индивидуа, вклучително и врз медиумските работници, напиша Заев на социјалните мрежи.

Реакцијата на новинарските здруженија и објаснувањето на екс премиерот следи по комуникацијата на Заев со дел од новинарите и нивното етикетирање како блиски до една или друга политичка опција, како и по вчерашното соопштение на СДСМ во кое партијата си даде за право да суди кои медиуми може да се наречат медиуми. Имено, кога излезе информацијата на дел од медиумите кои известуваат на албански јазик за наводен договор на релација ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ кој СДСМ би ја одвел во опозиција, од Бихаќка стигна соопштение кое бројни медиуми го карактеризираа како непримерно.

Со став се јави и ВМРО-ДПМНЕ кое изрази протест против како што велат срамното однесување на Зоран Заев и бруталната пресметка со новинарите кои се критички настроени кон неговата работа.

Станавме земја во која Зоран Заев определува кои биле објективни медиуми во земјава, а кои не, држава во која физички се тепаат новинари и се покренуваат нарачани обвиненија само затоа што си ја вршат работата. Заев човекот кој како во политиката, така и во делот на медиумите нарачува обвиненија и се пресметува со неистомислениците. Зоран Заев треба да се извини кон медиумите и целата јавност поради недоличниот, дрзок и селективен однос кон медиумите,

Заев е лидер на партија која води Влада која селективно кани новинари и медиуми да проследуваат владини прес конференции и настани, Влада во која новинарите се принудуваат однапред да ги кажат прашањата за кои се интересираат и кои се етикетираат и делат на подобни и неподобни. Заев е политичар кој одбива дебати, одбегнува критички медиуми и интервјуа и човек кој гази по новинарската професија.

Протестираме против срамното однесување на Зоран Заев и бруталната пресметка со новинарите кои се критички настроени кон неговата работа. Слободата на медиумите е фундаментот на демократијата, и тоа нема цена. Зоран Заев е опасност за таа слобода“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.