Како министри и министерки слушајте го гласот на граѓанинот како прецизна насока која доаѓа од највисоко ниво и од која нема отстапување. Mора да им служиме на сите граѓани, без разлика на нивната етничка, партиска припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, раса, боја на кожа, потекло, припадност на маргинализирана група, јазик, социјално потекло, образование, религија, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус.

Ова го истакна премиерот Зоран Заев денеска при врачувањето на мандатните писма на министрите во Владата на Република  Македонија.

– На парламентарните избори кои се одржаа пред месец и половина, граѓаните на Република  Македонија избраа да продолжиме да ја движиме државата напред. Ни го дадоа нивниот глас и доверба, и ние сме обврзани во четиригодишниот мандат, да им обезбедиме уште поквалитетен живот, каков што би сакале за себе и своите најблиски.  Ние, почитувани колеги, имаме обврска да ги исполниме очекувањата на сите граѓани, а овие мандатни писма се еден доказ, нешто што постојано ќе нѐ потсетува на она на кое сме се обврзале. Гласот на секој граѓанин е глас за одбрана од коронавирусот КОВИД-19 и за успешно справување со здравствено-економската криза, глас за новата македонска економија, за нови и добро платени работни места, за правна и праведна држава, за чиста и здрава животна средина, за функционална инфраструктура, за ефикасно поврзување дома и со светот, за силна национална култура по угледот на европската и за образование, кое младите генерации ги подготвува за подобра сегашност и подобра иднина, нагласи Заев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.