Премиерот Зоран Заев ја оцени како одлична средбата со својот француски колега Едуард Филип во Познањ, а летото, најави, ќе им биде работно, бидејќи одлуката за добивање датум за преговори е во октомври.

Одлуката е поприлично апсолвирана, но сите земји си имаат и внатрешна дебата. Франција, зошто ја спомнуваме, па и Холандија, заради нивната внатрешна дебата. Но, едно е сигурно, дека не можат да поминат покрај сите успеси. Успесите се заеднички, реформите заедно ги направивме, консензуално ги гласавме во Парламентот. Договорот 81 пратеник го имплементираа во Собранието. Тоа европските лидери и тоа како го почитуваат, изјави денеска Заев по средбата во Општина Штип со министерот за земјоделство Трајан Димковски и граодначалникот Благој Бочварски.

Премиерот е оптимист и верува дека земјава ќе добие, како што рече, одлична одлука.

Како што рече канцеларката Меркел, имаме оптимистичка есен пред нас, која ќе ја зацврсти толку долго или еве 15 години посакуваната одлука, како земја кандидат, да добиеме одлука за почнување на преговорите, истакна Заев.

Дополни и дека ако тоа се случи, во декември ќе се отворат 23 и 24 поглавјата.

Премиерот Заев рече дека од Познањ се враќа и со позитивна вест, грантот од 43 милиони евра, од кои 27 милиони евра се за автопатот Скопје – Блаце.

Некаде 2,7 милиони евра се за железничките станици и делот од патниот правец према Табановце со поставување на целата неопходна инфраструктура и, ако не се лажам, безмалку 13 милиони евра се за колекторот за гасот, што го влечеме од Грција кон Неготино и ќе се поврзе на постојниот гасовод. Така да добиваме втор извор на гас, информира Заев.

Забележа и дека одлуките донесени во Познањ се охрабрителни за целиот Западен Балкан и за Република Северна Македонија и со нив во октомври се очекува датум за почнување на преговорите за влез во ЕУ.

Но, истовремено добивме и голема чест. Ние идната година сме организатори на Берлинскиот процес, овде во Република Северна Македонија, веројатно тоа ќе биде Скопје, Штип, Охрид ќе видиме во кој град и Софија или Варна, кои Борисов ги предлага како два града. Два дена се организира самитов, значи еден ден ќе биде токму во нашата земја, рече Заев, додавајќи дека Самитот кој се организира шеста година по ред, првпат во 2020-та ќе се организира и во земја што е кандидат за влез во ЕУ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.