Советот за стабилизација и асоцијација денеска во Брисел на петнаесеттиот состанок помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија ги поздрави значајните чекори што ги презема Владата за унапредување на реформите поврзани со ЕУ, на транспарентен и инклузивен начин, како и позитивните промени во општата атмосфера во земјата.

По состанокот, премиерот Заев одржа заедничка прес-конференција со потпретседателката на Европската Комисија и висока претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини и со комесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.

Секогаш е убаво, и убаво се чувствуваме во Брисел, во седиштето на Европската Унија, наскоро нашиот втор дом, меѓу нашите пријатели и партнери од европското семејство. Тоа се исклучителни настани и можности за да се провериме себе си за напредокот на нашата земја во европските интеграции, и да ги слушнеме препораките и охрабрувањата, истакнал Заев.

(Фото – Влада на РМ)

Во однос на политичките критериуми, Советот, потврдувајќи ги досегашните достигнувања ја охрабри земјата да ги продолжи своите напори во текот на следните месеци за да продолжи со законодавните мерки и да го зајакне спроведувањето на реформите, особено во областите што ги утврди Советот во јуни 2018 година, како што се судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реформата на разузнавачките служби и јавната администрација.

Во врска со владеење на правото, Советот потврди дека се усвоени законски измени за да се одговори на „Итните реформски приоритети”, препораките на Венецијанската комисија и оние на Високата експертска група за системски прашања за владеењето на правото, што имаа за цел позитивно да влијаат врз независноста на судството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.