Република  Македонија првпат учествува како горда рамноправна членка на НАТО, заедно со останатите 29 сојузници и пријатели на денешниот Самит на НАТО, напиша на неговиот фејсбук-профил премиерот Зоран Заев.

Еден за сите, сите за еден, затоа што заедно сме посилни! Денеска се одржува НАТО Самитот, на кој Република Македонија за првпат учествува како горда рамноправна членка на НАТО, заедно со останатите 29 сојузници и пријатели, стои во објавата на премиерот.

Денеска во Брисел, премиерот Заев ја предводи владината делегација составена од министерот за надворешни работи Бујар Османи и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, на НАТО Самитот 2021.
Ова е прв НАТО Самит на кој Македонија учествува како полноправна членка и прв НАТО Самит со 30 членки.

На Самитот владината делегација ќе учествува на состанокот на шефовите на државите и влади на Северноатлантскиот совет. Покрај состанокот, владината делегација има неколку билатерални средби, после кои премиерот Заев ќе има изјава за медиумите.

Шекеринска на нејзиниот фејсбук-профил истакна дека на денешниот Самит на НАТО во Брисел, ќе бидат поставени столбовите на кои најмоќниот воено-политички сојуз ќе ги потпре политичките и безбедносни гаранции за сите сојузници.

Зацврстена трансатлантска врска, засилени политички консултации, посилна колективна одбрана, силна отпорност, технолошки развој, се гаранции и за Македонија која прв пат рамноправно со сите може да го каже својот став, потенцираше министерката за одбрана.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.