Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека СДСМ и другите коалициски партнери, вклучувајќи ја и ДУИ, остануваат целосно посветени на успешно спроведување на пописот. Се надева дека многу скоро во Собранието ќе биде донесен Законот за попис, а однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ го окарактеризира како смешно, неодговорно и неразумно.

СДСМ, така и другите коалициски партнери, но секако и вториот коалициски партнер ДУИ, остануваат целосно посветени на успешното спроведување на пописот на неговата афирмација во делот на спроведувањето и на негова поддршка. Тоа се однесува на поддршка не само на политичката партија ДУИ туку и на претставниците во Парламентот, во Владата и во институциите и на крајот, со апелот кон сите граѓани за поддршка на самиот попис. Убеден сум дека ќе имаме статистичка операција која на крајот ќе ги покаже податоците што ќе бидат релевантни, стопроцентно точни и ќе ни помогнат за креирање на многу економски политики, рамномерен регионален развој, соодветни политики во сите сектори, образование, култура, здравствена заштита, рече Заев на прес-конференција во Владата.

Не смееме ништо друго да помислиме освен успешно спроведување на пописот, дециден е тој, и тоа, како што потенцираше премиерот, ни е должност.

За законот за попис што е пред гласање во Собранието, рече дека е убеден дека поскоро ќе се донесе.

Жалам само што се докажува неодговорноста на опозицијата што не се воведе онлајн работа на Парламентот, барем за оние пратеници кои се позиивни на Ковид-19 или се во самоизолација. И денеска видовме дека седницата се одлага. Убеден сум дека многу брзо може да се закаже оваа седница и час поскоро да заврши за да се донесе побрзо законот, затоа што после законот има голем број активности во делот на подготовка за спроведување, рече Заев.

Коментирајќи го сето она што на политички план се случува а е поврзано со пописот, Заев рече дека „тоа го става на сметка на неразумоста и неодговорноста на најголемата опозициска партија“, но не на сметка на целата партија туку на нејзините први луѓе. Заев рече дека негова желба и повик е сите да се врзумиме.

Срамота е да немаме попис 19 години. Пописот е навистина статистичка операција, нема никакви ретроградни процеси да отвори ниту, пак, нешто ќе промени. Во време на глобален свет дури миграциите можете да добиете одредена бројка етничка припадност на граѓани во нашата земја која што е една, а после шест месеци да добиете сосема друга, рече Заев.

Појасни дека по етничка припадност, со пописот ќе се регистрираат резиденти и нерезиденти.

Ги попишуваме сите граѓани. Дефинитивно, меѓуграничната контрола дава можност во секој момент да знае државата, колку од граѓаните се надвор од државата повеќе од една година. Секогаш го имаме тој податок во базите. Граѓаните слободно ја изразуваат својата верска и етничка припадност, вели Заев, повторувајќи дека податоците од пописот се статистички податоци.

Толку е сериозен овој процес, потенцира премиерот Заев, што секој вид на политиканство е смешно, неодговорно и неразумно однесување.

Не можеме да барате фингерпринт на пописот кога се попишуваат и малолетни лица под 18 години кои немаат отпечаток од прст во МВР. Не можете да барате копија да ви се остави од пописниот материјал. Пописот се прави електронски преку ајпад. Најголем број од податоците веќе се обезбедени од самите бази. Трето, секако заштита на личните податоци, не можат да се делат по луѓето да ги носат дома. Уште еднаш ја користам можноста да апелирам на разумност. Денеска е се дигитално, се е достапно на јавноста, а ако се случи каква било аномалија веднаш ќе знаеме и народот и опозицијата и власта, рече Заев.

Според него, апелите за бојкотирање на пописот е буквално туркање на граѓаните кон одговорност.

Пописот насекаде во светот, во Европа така и кај нас е одговорност на граѓаните и тоа е регулирано во законот и следуваат казни за одбивање на попишување, рече Заев потенцирајќи дека државноста ја чуваат сите граѓани искажувајќи убедување дека нашиот народ целосно ќе ја исполни оваа обврска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.