Идната недела би бил спремен да се сретнам со шефот на опозицијата за законот за јавното обвинителство. Ако направиме исчекор водени од интересите на државата, можеме да постигнеме договор, вели премиерот Зоран Заев во интервју за Гласот на Америка.

Заев е оптимист дека до 15 октомври, кога се очекува одлука на министрите на ЕУ за доделување датум за преговори за членство во Унијата, ќе биде постигнат договор за јавното обвинителство.

Очекувам дека штом се вратам веќе ќе има нешто подготвено од работните групи, од преговарачите од двете страни. Идната недела би бил спремен да се сретнам и со шефот на опозицијата или самите работни групи да направат една средба. Тоа значи дека пред министерскиот совет (на ЕУ), некаде 15, 16 октомври е убаво да го решиме ова прашање. Секако, никогаш не е доцна за такво решавање, но со самото решение ќе испратиме уште една порака за нашата политичка и демократска зрелост дека навистина и она што не е дел од извештајот за нашата земја, сепак, наоѓаме начин да го надминеме – вели Заев во интервју за „Гласот на Америка“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.