Подготвен сум во секое време и на секое место да дебатирам со Мицкоски, рече премиерот Зоран Заев денеска.

Јас сум подготвен за соочување зашто тоа е демократски чин, но чесно е тој да го каже својот став-дали е за членство во ЕУ и НАТО со поддршка од Договорот од Преспа и ако не е да ја каже алтернативата. Тогаш нека го избере медиумот, денот и терминот, изјави Заев по националната конференција за децентрализација.

Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот рече дека Законот за амнестија, што веќе се дебатира, ќе се комплетира до крајот на оваа или почетокот на идната недела и со него јасно ќе се разграничи што значи учество во насилство, кревање рака, организација и осмислување упад во Собранието. Казни ќе има, но ќе се стави дистинкција на тоа што значи судска, а што политичка одлука.

Конечната цел е да донесе помирување, подавање рака меѓу Собранието, но со тенденција тоа да продолжи и на вертикално ниво, и кај навивачките групи, и во општините и кај подмладоците во партиите,…истакна Заев.

Според него, Законот за амнестија ќе испрати порака на помали казни, и амнестија за сите што не учествувале во насилството и не биле организатори.

Членовите во законот што ќе доведуваат до идно казнување нема да бидат тероризам со над 10 години казни, туку ќе бидат помали почетни казни. Но, казни ќе има. Со законот ќе се испрати пораката, казнувањето мора да постои, но и најважната порака е да нама мешање во правосудството, потенцира претседателот на Владата.

Заев порача грчкиот министер Каменос да му даде шанса на Преспанскиот договор, а бенефитите од неговата имплементација, истакна, ќе се видат веднаш, по неколку месеци.

Во врска со ситуацијата во здравството, премиерот најави дека на 24 или 25 декември ќе има средба со ресорниот министер и синдикатите на кој ќе бидат отворени сите актуелни прашања.

Во врска со ситуаициата на Косово, Заев нагласи дека на регионот не му се потребни нови тензии. Тој воедно апелира до своите колеги, премиери, како што рече, да внимаваат на своите чекори.

Да ја унапредиме економската соработка, да постигнеме траен мир, раст, развој и членство во ЕУ, порача Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.