Во рамките на своите дополнителни активности за време на Самитот на НАТО во Брисел, претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев имаше средба со претседателот на Република Полска Анджеј Дуда, на која присуствуваа и министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

На средбата беше истакнато взаемното задоволство од нагорниот позитивен развој на блиските и пријателски односи меѓу двете земји што беше оценето како одличен потенцијал за идната соработка.

Премиерот Заев истакна дека Полска беше и остана искрен и вреден пријател на Македонија за време на процесот на нејзиното остварување на целта да биде членка на НАТО, како и во поддршката за остварување на сите нејзини обврски за исполнување на членството во ЕУ.

Како посебно значајна премиерот Заев ја оцени иницијативата на Полска и на земјите од Вишеградската група да приложат документ на претстојната Конференција за иднината на Европа во кој силно се поддржува пристапувањето на земјите членки на Западен Балкан во ЕУ.

Претседателот на Владата Заев ја изрази својата и благодарноста на народот на Македонија за солидарноста и помошта на Полска за нашата земја за справување со последиците од пандемијата со КОВИД-19.

Премиерот Заев го запозна полскиот претседател Дуда со главните поенти од документот на португалското претседателство со ЕУ како предлог за решение на ветото на Република Бугарија за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, кој нашата Влада го оцени како добра излезна основа за деблокирање и за организирање на првата меѓувладина конференција на нашата земја со ЕУ за почеток на преговарачкиот процес по поглавја.

Двајцата соговорници на средбата изразија задоволство од развојот на економските односи меѓу двете земји и изразија надеж дека растечкиот број на туристи од Полска во Македонија ќе го зајакне пријателството и блиските односи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.