Да живее европска Република Македонија, да живее Европа, да живее НАТО, рече на крајот од својот говор македонскиот премиер Зоран Заев на денешната свечена церемонија пред македонската Влада по подигнувањето на знамето на НАТО заедно со државното.
Ние не веруваме во приказните за распаѓање на Европската унија, ние ја гледаме како најсилна. Ние припаѓаме таму и историски и политички. Пред нас е голема работа што треба да се заврши. Брисел нема да ни гледа низ прсти. Не очекувам попустливост од ЕУ. Некогаш ќе ни се бара и влакно во јајцето. Извршувањето на поглавјата има значење на директив. Нема да стасаме до Европа ако не работиме. А на Европа имаме што да и понудиме….мултикултура, соработка, наука, истакна Заев во свечениот говор пред голем број на домашни гости од политичкиот и општествениот живот.
Преку НАТО ќе се реализира членството во ЕУ, смета Заев, а најголемата вредност што ќе биде извлечена ќе бидат еднаквите шанси за сите и правдата. Ја повика и опозицијата на заедничка соработка на патот кон зачленувањето.
Сите се еднакви без оглед колкава им е банкарската сметка. Сега кога ги остваруваме националните стратешки интереси, друго подобро решение нема. Да не се лажеме. Не смее тоа да биде попречено поради нашите меѓусебни ривалства. По тој пат одат нашите соседи, нашите пријатели од регионот. Тоа е патот на слободата. Нашите идеи треба да водат кон иста цел, а тоа да не го попречуваат битките за власт. Со отворањето на бриселските поглавја ќе има работа за сите и за пратениците и за претседателот на Македонија, наведе премиерот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.