Премиерот Зоран Заев денеска од Штип порача дека со довербата за неговата Влада што ја доби вчера во Собранието, расте и неговата одговорност да се одблокира Парламентот, по законски основи, по пат на Деловник и по пат на разговори.

Голема чест е што добив доверба, навистина првпат премиер ја користи деловничката алатка од членот 217 став 2, и сам да побара доверба. Јас сум среќен, сум благодарен за поддршката од мнозинството во Парламентот заради тоа што тоа е основа за да продолжиме да работиме. Пред се сум благодарен што сета оваа неизвесност ја тргнавме од граѓаните. Долг период, три-четирири, ако не и шест месеци, имаме закани дека не постои парламентарно мнозинство, дека Владата ќе падне, а тоа влијае на целиот народ, влијае на економијата, на администрацијата, на Владата, овие облаци, оваа магла ја тргнавме, и тоа е многу значајно заради општествените придобивки, рече Заев.

Изрази жалење за клучни закони што се заглавени во Собранието, меѓу кои, како што рече, најважни се Законот за енергетска ефикасност, со кој имаме 25 милиони евра за државните институции и 10 милион евра за општинските институции.

Вториот е 50 милиони евра од Светска банка за земјоделството, во откупни пунктови Струмица, Скопје и Ресен, ама најголемата суштина и придобивка на проектот е зголемување на продуктивноста во земјоделието, како од еден хектар со помалку трошоци да имаме поголемо производство, како да го осовремениме нашето земјоделие, истакна тој.

Натаму тој го спомена и трамвајот на тркала за Скопје, што чини 70 милиони евра.

Нема тука потреба од натегање меѓу опозиција и власт. Дај сите да застанеме, брзо да го изреализираме тоа. Да не зборувам за законите од областа на културата, на здравството, од петтиот пакет помош директно кај граѓаните. Тоа е недозволиво. Нема да дозволам како претседател на Влада блокада во Собранието, порача Заев.

Најави дека во наредните денови ќе најави и нови политики, со цел конечна цел, како што рече, поголем напредок, зголемена ефикасност во државата, соработки, инклузија, коопперативнот на ниво на консензус.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.