Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев денеска ја прими новоименуваната амбасадорка на САД во земјава, Кејт Мари Брнс. Владината прес-служба соопшти дека двајцата соговорници се согласиле оти Северна Македонија останува стабилен стратешки партнер на САД, фокусиран на заедничките заложби за безбедност, слобода и демократски просперитет во регионот, како и на заедничките активности во борбата против тероризмот и другите закани  кон мирот во светот.

Премиерот Заев, се наведува во соопштението, и посака добредојде и успешен мандат на амбасадорката Брнс во Северна Македонија и изрази благодарност за одличната работа на претходниот американски амбасадор Џес Бејли и заменик-шефот на мисијата Микаела Швајцер Блум.

Премиерот Заев како долгорочен интерес на земјата го издвои натамошното интензивирање на билатералната политичка и економска соработка со САД, како и посветеноста на реформската ЕУ агенда за достигнување конкретни резултати во областа на владеењето на правото, антикорупцијата, реформите во безбедноста и јавната администрација.

На средбата е изразена подготвеност за прифаќање на обврските кои произлегуваат од полноправното членство во НАТО до крајот на 2019 година и почетокот на 2020 година, како што е, се наведува, зголемувањето на БДП од 0,2 отсто годишно на два отсто до 2024 година, модернизација на армиските капацитети и зголемување на учеството во заеднички мисии. Амбасадорката Брнс на средбата рече дека Соединетите Држави со нетрпение очекуваат во наредните месеци да и посакаат добредојде на Северна Македонија како 30-та членка на НАТО, и додаде дека ќе ги вложи своите капацитети и досегашно искуство за да продолжи успешно економската и политичката соработка меѓу САД и Република Северна Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.