Не дека немам разирање за опозицијата, но на крај памет не ми е да ја сменам Катица Јанева, вели премиерот Зоран Заев во интервју за МИА. Тој категорично ја отфрла можноста да се исполни барањето на опозицијата за промена на тимот обвинители предводен од Катица Јанева. 

Апсолутно не. Тоа е за мене институционално прашање, од причина што навистина Катица Јанева и нејзиниот тим на обвинители, истражители и сите што работат беа во едно многу тешко време трошката надеж на враќање на правната држава, која ете почна да се враќа во нашата земја. Јас сум убеден дека не смееме да испраќаме лоши пораки до оние кои опстоиле, пркоселе, верувајќи во државата, во системот, во уставот и законите, во тешко време. Треба да ги поддржиме нивните капацитети. Јас ги слушам и критиките од опозицијата, и не дека немам разбирање за нив, но предностите на вака создадена институција, со овие луѓе е навистина голема предност за Северна Македонија, вели Заев.

Сепак, Заев вели дека е подготвен да разговара со опозицијата, за проблемот со СЈО да не биде пречна на евроинтегративниот пат на земјата. 

Јас сум флексибилен човек кој знае дека двете страни треба да имаат разбирање една за друга, но тоа да не биде на штета на државата, на институциите на системот. Подготвен сум да разговарам со опозицијата за секое аргументирано прашање. Драго ми е што почнаа разговорите, знам дека до крајот на оваа недела веќе ќе има конкретни писмени материјали околу некои предлози, верувам дека е можно навремено да го донесеме Законот за јавно обвинителство, каде е инкорпорирано СЈО како создаден капацитет. Уште еднаш напоменувам, тоа јавно обвинителство веќе, како што е поставено и во новиот закон, ќе ја гони власта, сегашната власт. Тоа јавно обвинителство е капацитет кон кој ќе тежнеат и другите обвинителства, и материјален и финансиски и со опрема. Да дадеме шанса на еден ваков закон, и сите сме тука во државата со доверба кон институциите, да продолжиме да ги градиме реформите, вели Заев.

Во понеделникот без договор заврши средбата меѓу работните групи на влста и опозицијата коишто разговараа за предлог-законот за Јавното обвинителство со кој се решава и статусот на Специјалното јавното обвинителство. Овој предлог-закон е еден од условите за почеток на преговорите со Европската унија. Следниот обид е закажан в петок.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.