Имаме позитивни сигнали дека економијата заздравува, а за тоа се потврда позитивните тековни економски движења и тоа: високиот раст на извозот, растот на трговијата, зголемениот број во кредитирањето и растот на просечната плата, тоа во услови на економска криза заради пандемијата, а како директен ефект на сите донесени анти-кризни мерки за ублажување на последиците по економијата, стопанството и стандардот на граѓаните, рече премиерот Заев на седницата за пратенички прашања.

Буџетските приходи се повисоки во однос на преткризниот период, 4,4 отсто е растот на вкупните приходи, 5 отсто е растот на даноците и придонесите. Вториот пакет економски мерки е имплементиран 100 отсто, а севкупна имплементација од четирите пакет мерки изнесува 82 отсто или 860 милиони евра. Мерките од петтиот и шестиот пакет се во тек, и сето тоа помогна да го подобриме економскиот резултат за 4,2 процентни поени – потенцираше Заев.

Тој додаде дека позитивните движења во економијата најлесно и најбрзо може да се детектираат преку приходната страна на буџетот и соопшти дека во март 2021 година, Управата за јавни приходи реализира наплата на даноците во износ од 7.720.610.346,00 денари, што во споредба со истиот месец во 2020 година претставува повисока наплата кај даноците од страна на компаниите, што е добар знак дека економијата постепено закрепнува.

Само во април 2021 година приходот од данокот на додадена вредност се бележи наплата повисока за 54 отсто во однос на април 2020 година – нагласи премиерот.

Тој додаде дека стопанството е поддржано како никогаш досега и потенцираше дека редовно се исплаќаат платите, пензиите, социјалната заштита, и ги реализираме сите мерки за поддршка на економијата и граѓаните.

Во 2020 поддржани се над 840 компании со повеќе од 65 милиони евра, а со над 17 милиони евра поддржани се 400 инвестициски компании со директна поддршка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.