Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција им порача на новинарите да анализираат што се случува меѓу Приштина и Белград. Зборувајќи за уставните измени, за Законот за амнестија и за измените во Кривичниот законик, Заев се префрли на односите меѓу Србија и Косово, порачувајќи дека Владата работи транспарентно и во насока да ја осигура стабилноста на државата.

Ова го правиме за да успее Македонија, да обезбедиме траен мир и стабилност. Анализирајте малку што е тоа што е на повидок меѓу двајцата наши соседи на северот, меѓу Приштина и Белград. Македонија треба да си ја осигураме. Чесно ги водиме политиките и транспарентно. Критиките знаеме да ги слушнеме и да се корегираме. Тоа е слобода и демократија за која се бориме – рече Заев.

Тој го прокоментира писмото на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенбер, испратено до Заев и премиерот на Грција. Заев рече дека пораката во писмото е охрабрувачка.

Зборувајќи за Законот за амнестија, премиерот рече дека на Македонија и треба помирување по сите вертикали.

Кога се помиривме со светот и со нашите соседи, зарем не треба да се помириме и дома. Треба да ја вратиме човечката доверба, преголеми се поделбите. Следните чекори на помирување се меѓу младинските ограноци на политичките партии и меѓу навивачките групи. Тоа ќе даде позитивен резултат за иднината. Направивме дистинкција меѓу учество во насилство и физичко насилство, ја отстранивме можноста за одмазда и реваншизам – рече Заев.

Тој негираше дека има законски решенија кои преку измени би предизвикале застарување на казни. Измените во Кривичниот законик се направени, како што рече Заев, затоа што мерките на Михајло Маневски создале сериозен проблем.

Измените нема да влијаат на процесите на СЈО, замена за некаква корист со имотна корист во законот не влијание на никаков процес – рече тој.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.