Акцискиот план, односно секторскиот план за соработка со Бугарија кој што е дефиниран од двете земји треба да се усвои на втората меѓувладина конференција чиј термин на одржување е идната недела или порано, што треба да го договорат министрите за надворешни работи на двете земји Бујар Османи и Екатерина Захариева. Тоа ќе помогне во создавањeто на севкупниот амбиент за решавање на другите отворени прашања кои што верувам дека можеме да ги решиме час поскоро, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Очекувам веројатно следната недела или многу брзо да се оствари средбата помеѓу нашиот министер Османи и министерката Захариева, за да ја договорат првата меѓувладина конференција, заради тоа што овде немаме ништо спорно согласно Акцискиот план, односно секторскиот план за соработка кој што е дефиниран од нашите идеи и од бугарските кои што стигнаа до нас. Очекувам на таа средба да се дефинира терминот за втората Меѓувладината конференција, првата се одржа 2019, а потоа да бидат усвоени на Влада и да влеземе во ефикасно, брзо имплементирање на сите овие определби, затоа што се добри за македонскиот народ, за бугарскиот народ, за Македoнија и за Бугарија и ќе бидат од помош во создавањeто на севкупниот амбиент за решавањето на другите отворени прашања кои што верувам дека можеме да ги решиме час поскоро – изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање на прес конференција во Владата по потпишувањето на Договор за грант од германската КВФ банка наменет за обновливи извори на енергија.

Заев појасни дека Акцискиот план е дефиниран на секторско ниво, посебна е работата на Историско-образовната комисија, а посебни се политичките прашања за кои што разговараме со источниот сосед. Акцискиот, односно секторскиот план, треба да биде утврден на меѓувладината конференција предводена од Османи и Захариева. Штом ќе биде утврден, како што нагласи Заев, ќе дојде како записник на владите на двете земји да го усвојат и веднаш ќе се стратува со негова операционализација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.